Се ближи последниот работен ден на Роџер Федерер. Легендарниот Швајцарец потврди дека на Лејвер купот ќе се збогува со активното играње тенис, иако претходно најавуваше дека тоа ќе се случи во Базел. Дури по пристигнувањето во Лондон објасни зошто се предомислил.
Иако распоредот на натпреварите се уште не е познат, Федерер потврди дека ќе игра само во двојки.
Причината за тоа е токму истата онаа заради која тој нема да настапи во Базел – неговите колена едноставно не се во состојба да го издржат товарот од играње сингл.
Швајцарецот призна дека тоа му било јасно уште во текот на последниот меч кој го одигра, четвртфиналето на Вимблдон против Хуберт Хуркач.
Потоа го загуби третиот сет со нула.
„Последниот сет против Хуркач беше најлошиот час во мојата кариера. Сфатив дека повеќе ништо не функционира. Разочарувањето ми беше како огномет во главата, не знаев како да одам понатаму со тоа колено“, изјави Швајцарецот.
Роџер ќе игра во Тимот на Европа покрај неговите три најголеми ривали Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Енди Мареј. Тој изјави дека можел само да сонува дека од тенисот ќе се збогува играјќи покрај такви асови.
„Навистина се радувам што тоа ќе биде на Лејвер купот, каде противниците стануваат соиграчи“, рече Федерер и додаде дека му е посебно драго и затоа што е еден од идејните креатори на „Лејвер купот“, заедно со неговиот агент Тони Годсик.
Системот за натпреварување на Лејвер купот е таков што на секои три дена се играат три сингл меча и еден во двојки. Тоа значи дека е можно Федерер да одигра по еден меч во двојки со секој од преостанатите членови на „Големата четворка“.
Тимот на Европа ги освои сите досегашни четири изданија, а Роџер учествуваше во секое освен минатата година.
(Фото: АП)