ФЗО: Интензивно се преземаат активности за укинување на квотите на сите аптеки

Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија соопшти дека интензивно презема соодветни активности и мерки за укинување на квотите на сите аптеки и за воведување нови контролни механизми при пропишувањето на лековите
на рецепт на товар на Фондот во ординациите, како и за нивното подигнување во аптеките со увид во личниот документ за идентификација (лична карта или пасош) на лицето кое го подигнува лекот.

Од Фондот посочуваат дека лекот на рецепт во аптеката осигурено лице може да го подигне само доколку се идентификува со лична карта односно пасош.

Во случај кога осигуреното лице од здравствени или други причини не е во можност лично да го подигне лекот во аптеката, лекот на рецепт во негово име може да го подигне друго лице кое треба да се идентификува со своја лична карта, односно пасош, наведуваат од Фондот.

Фондот за здравствено осигурување работи на намалување на ризикот од можни злоупотреби и од нерационално пропишување и користење на лековите со воведување на дополнителни процеси, апликации и контролни механизми.

Сите овие заложби треба да овозможат достапност на лекови на рецепт во текот на целиот месец, а не како досега, кога заради исполнетите квоти по одреден ден во месецот, аптеките остануваа без лекови за осигурениците.

Моделот на аптеки без квоти започна со примена како пилот проект овој месец во 43 аптеки кои се лоцирани во туристичките центри на територијата на подрачните служби на Фондот во Гевгелија, Охрид, Ресен и Струга.

„До моментот на целосно укинување на квотите на сите аптеки, во август во овие пилот аптеки издавањето на лековите на рецепт ќе се врши како и досега“, стои во соопштението.