Филипче: Првите вакцини од „Фајзер“ и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз, планот за вакцинација е подготвен

– Не постои законска пречка за прием на вакцините против Ковид-19 во нашата земја. Првите дози на вакцината „Фајзер“ која е договорена во директни преговори со производителот, како и 8000 дози вакцини кои од Република Србија треба да пристигнат во нашата земја ќе бидат со интервентен увоз. Измената на Законот за лекови е поради глобалната политика на „Фајзер“ кои инсистираа апликант за регистрацијата на вакцината да биде нивното претставништво кое е со седиште во Холандија, одговорно за овој дел на Европа, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочува дека Србија е единствената земја во целиот регион каде има локално претставништво на „Фајзер“ и тоа на некој начин им ги забрза работите.

– Но, и тоа не е пречка свесни дека е таква нашата законската регулатива, производителот Фајзер, се согласи првите количини вакцини кои ќе дојдат во нашата земја и преку директниот договор, но и преку помошта од Србија да дојдат со т.н интервентен увоз, за што има законска регулатива и за тоа не треба регистрација, вели Филипче.

Производителот „Фајзер“, потенцира министерот, на нашата земја и излезе во пресрет, несакајќи да се забави динамиката на пристигнување на вакцините.

– Со оглед на тоа што инсистираат регистрацијата да се случи кога тогаш, несакајќи да ја забават динамиката на пристигнување на вакцините, се согласија тоа да биде за следните количини, во следните месеци поради тоа што ние поднесовме измена на Законот за лекови во Собранието за да овозможиме, оваа конкретна вакцина да се регистрира преку апликант кој не е регистриран како компанија во нашата земја, појаснува Филипче.

Што се однесува до испораката на вакцините од Република Србија, Филипче нагласува дека во моментов се чека одобрување од компанијата „Фајзер“ за интервентен увоз.

– Во интензивна комуникација сме со компанијата изминатите два дена, паралелно на нашите разговори во врска со нашиот директен договор, сега се чекаат и фајловите за да се дозволи таа количина од Србија да биде пратена во нашата земја. Тоа значи дека компанијата „Фајзер“ води сметка за буквално сите количини кои ги дистрибуира во земјите, дали и на кој начин евентуално се препраќаат во некои други земји, додава министерот.