Филипче: Скопските училишта нема да добијат дозвола за настава со физичко присуство за повисоките одделенија

– Училишта со мал број на класови и ученици може да побараат дозвола да вршат настава во живо и за одделенијата над трето, но, ако, на пример училиштето е во Скопје и сака да направи исклучок и аплицира дозвола да бидат физички присутни и учениците од четврто и петто одделение од почетокот на октомври, ние нема да го дозволиме тоа, вели министерот за здравство Венко Филипче,

во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во интеревјуто министерот кажува дека препораката училиштата да почнат со работа од 1 октомври е поради тоа што во септември ќе има доволно настани и случувања што можат да ја влошат епидемиолошката слика и децата во училиште да бидат уште еден дополнителен фактор којшто сакаме да го одложиме. Луѓето почнуваат со работа по враќањето од одморите, од патувањата, и градинките кои почнуваат со работа следната недела.

-Влошувањето на епидемиолошката ситуација и реперкусијата по болничкиот систем доаѓа по две до три, можеби четири недели од некаков настан, тогаш ги гледаме пациентите кои потенцијално би требало да се лекуваат во болници. Ама ако тогаш се јави голема бројка, тогаш е доцна да се реагира, и во таа смисла препораката за училиштата беше да почнат со онлајн-настава, со неколку исклучоци – децата од прво до трето да бидат физички присутни во училиштата, паради тоа што во празни училишта има повеќе простор тие да се распределат, да се намалат контактите меѓу нив, да почнат со часовите во различно време, вели Филипче.

Вториот исклучок се училишта низ државата каде што има мал број ученици во класовите, мал број класови во училиштата, според проценката на Комисијата која е формирана од членови на МОН, Министерството за здравство и Канцеларијата на претседателот на владата.

-Има училишта кои имаат по пет до 10 ученици во еден клас, тука се обединуваат ученици од прво до четврто одделение, некаде над 300 училишта во нашата држава се такви, меѓутоа тоа ќе биде со дозвола на Комисијата за заразни болести, ако епидемиолошката ситуација во таа општина тоа го дозволува. Само тие коишто имаат мала бројка на ученици, односно, конкретно да одговорам – доколку училиштето е во Скопје и сака да направи исклучок и аплицира дозвола да бидат физички присутни и учениците од четврто и петто одделение од почетокот на октомври, ние нема да го дозволиме тоа, вели Филипче во интервјуто за Радио Слободна Европа.