Фон дер Лајен: Апсолутно е неприфатлива употребата на софтвер за шпионирање новинари

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен изјави денеска во Прага дека е апсолутно неприфатливо властите или тајните служби да го користат израелскиот софтвер „Пегаз“ за шпионирање новинари или активисти на невладини организации.

„Проверуваме дали се случило тоа, но ако е точно тогаш е апсолутно неприфатливо и е спротивно на сите правила. Во Европската унија имаме слобода на медиумите и слобода на говор, и тоа е еден од столбовите на Унијата, истакна Фон дер Лајен на прес-конференција со чешкиот премиер Андреј Бабиш

Претседателката на ЕК реагираше на медиумските објави за скандалот во кои се вмешани некои влади и разузнавачки служби, меѓу нив и од ЕУ, конкретно спомнувајќи ја Унгарија, шпионскиот софтвер „Пегаз“ за хакирање и прислушување мобилни телефони, инаку развиен за борба против терористите, бил користен за шпионирање новинари и активисти на НВО.

„Пегаз“ е во состојба да ја следи не само целата комуникација на мобилниот телефон, туку и да го пренесува она што го покажува телефонската камера, се наведува во заедничкото истражување на германските медиуми и организациите „Форбиден Сторис“ и „Амнести Интернешнл“.

По проучувањето на 50.000 телефонски броеви во тоа истражување, откриено е дека „Пегаз“ е инсталиран во телефоните на повеќе од 180 новинари и стотици активисти, како и државници и дипломати.

Покрај британски или француски новинари, меѓу шпионираните медиумски работници се и некои уредници на медиуми во Унгарија.