Фон дер Лајен-Вучиќ: Модернизација на пругата од Белград до Македонија важна пресвртница во односите

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му испрати писмо на српскиот претседател Александар Вучиќ во кое му се заблагодарува за „продуктивната средба во Брисел на 26 април“ и во кое посочува дека особено се радува на соработката за големиот проект за модернизација на пругата Белград-Ниш-Прешево на границата на Србија со Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

Фон дер Лајен посочи дека проектот е „огромен чекор напред и важна пресвртница во нашите идни односи“ и додаде дека е среќна што овој проект се наоѓа во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, кој беше усвоен од страна на Европската комисија минатата есен.

Таа додаде дека „Комисијата веќе работи со полна брзина на реализација на проектот“.

На крајот од писмото што го испрати до претседателот на Србија, Урсула фон дер Лајан инсистира на брза и блиска соработка со Вучиќ, сè со цел да се направи што е можно поефикасен проектот за модернизација на пругата.

Претседателот Александар Вучиќ потврди дека добил писмо од Урсула фон дер Лајан, во кое таа изрази поддршка за проектот за изградба и обновување на пругата од Белград до границата со Северна Македонија.

-Добив исклучително писмо од Урсула фон дер Лајен, што се однесува на мојот престој во Брисел и на нашиот договор за исклучително важниот, стратешки проект, пругата Белград-Ниш-граница со Северна Македонија, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека проектот ја менува сликата за Србија и се заблагодари на Фон дер Лајен за писмото.

– Долго време се немам толку израдувано со некое писмо, особено кога тоа доаѓа од ЕУ, додаде Вучиќ.

Тој изрази верување дека изградбата на пругата Белград – Ниш – Табановце, со поддршка на ЕУ, може да започне на пролет следната година.

Вучиќ посочи дека, благодарение на поддршката на ЕУ, Србија ќе заштеди од 700 до 800 милиони евра.