Фон дер Лајен и се закани на Унгарија: Рокот изминува утре

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се закани дека ќе поведе прекршочна постапка против Унгарија поради законот за ЛГБТ заедницата.

Од Унгарија се бара да го повлече законот оценет како дискриминаторски за ЛГБТ заедницата, а што утре треба да стапи во сила во оваа земја членка на ЕУ.

„Доколку Унгарија не ја исправи ваквата состојба, ЕК ќе ги искористи сите надлежности што и се дадени како чувар на договорот, рече Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент.

Претседателката на ЕК повторно законот го нарече „срамен“, бидејќи со него се забранува ширење информации за хомосексуалноста на малолетници.

Комисијата може да отвори постапка за кршење на европското право, што може да доведе до интервенција на Судот на правдата на ЕУ и финансиски санкции против Унгарија.

Според дипломатски извори, таквата постапка може да биде покрената најдоцна до средината на јули.

Комисијата на крајот на јуни испрати писмо до унгарските власти во кое изразува „правна загриженост“ во врска со текстот на законот усвоен на 15 јуни.

„Да бидеме јасни, ние ги користиме своите овластувања без оглед на земјата-членка што го крши европското право. Од почетокот на мојот мандат, ние почнавме околу 40 прекршочни постапки поврзани со заштитата на владеењето на правото и другите европски вредности .. . “, рече претседателката на ЕК.