Франција утре избира претседател: Макрон или Ле Пен?

LinkSense.mk

Во Франција утре ќе се одржи вториот круг од претседателските избори на кои ќе се натпреваруваат актуелниот претседател и лидер на Републиката во движење, Емануел Макрон, и кандидатката на десницата, Марин Ле Пен.

Најновите анкети на јавното мислење предвидуваат дека Макрон ќе победи со 57 отсто од гласовите во однос на Ле Пен, што би можело да добие десет процентни поени помалку. Сепак, маргината за победа би била помала отколку на изборите во 2017 година, оценува „Политико“.

За новиот претседател ќе одлучуваат речиси 49 милиони гласачи, а се проценува дека излезноста би можела да биде околу 72 отсто.

И додека Макрон веројатно има најголеми шанси за реизбор во споредба со неговите претходници, Ле Пен се бори за својата политичка иднина, бидејќи поразот во третиот поход на Елисејската палата ќе предизвика промени на чело на нејзината партија Национален собир.

Макрон, кој освои поголема поддршка од својата ривалка во првиот круг, во меѓувреме рече дека ништо не зема здраво за готово и побара поширока поддршка.

Тие, неколку дена пред вториот круг од претседателските избори, ги соочија мислењата во ТВ дебата, во која се обидоа да ги убедат граѓаните кој е во подобра позиција да ја подобри куповната моќ на Французите и успешно да ја води надворешната политика на земјата.

Макрон оцени дека изборите претставуваат референдум за Европа, имајќи предвид дека двајцата кандидати предлагаат две многу различни иднини за Франција – и во внатрешната и во надворешната политика.

Кога животниот стандард е прашање број еден на изборите, Марин Ле Пен сите карти во кампањата ги стави на таа тема и вети дека ќе ги намали трошоците за живот.

Нејзиниот друг голем план е социјалните станови, работните места и социјалните прашања да станат „национален приоритет“ за француските државјани и да се бори против исламизмот, наведува Би-Би-Си.

Центристичкиот претседател Макрон се обидува да собере гласачи под слоганот „Сите ние“ и по пет години владеење сега нуди целосно обнова“, бидејќи се обидува да привлече гласачи и од левицата и од десницата.

И Макрон и Ле Пен, кои во првиот круг освоија најмногу гласови од вкупно 12 кандидати, се надеваат на довербата на гласачите кои го поддржаа лидерот на крајната левица, Жан-Лик Меланшон, во првиот круг, од кои многумина би можеле да бидат воздржани или да ги остават своите гласачки ливчиња празни.

Макрон ја доби поддршката од лидерите на Германија, Шпанија и Португалија – Олаф Шолц, Педро Санчез и Антонио Коста, кои во заеднички текст во повеќе европски медиуми ги повикаа гласачите да се обединат за да се одржи просперитетот и благосостојбата во Европа.

Како и во првиот круг, гласачките места ќе бидат отворени утре наутро во 8 часот, а затворени во 19 часот на повеќето места, додека избирачките места во големите градови ќе имаат можност да останат отворени до 20 часот.

На француските прекуокеански територии гласањето почнува денес, за да може гласовите да се пребројат на време, а Французите кои живеат во странство ќе можат да гласаат на одредени избирачки места ширум светот.

Врз основа на примероците од специјално избраните избирачки места, прелиминарниот резултат ќе биде познат утре во 20 часот, како што тоа беше и после првиот круг.

Ако резултатот е исклучително тесен, постои опција да не се објавуваат првични резултати, туку да се чека пребројувањето да заврши во целост, и да се објават финалните.

Пребројувањето продолжува во текот на ноќта, а Министерството за внатрешни работи во понеделник наутро ги објавува конечните резултати, кои вообичаено се разликуваат за само еден до два отсто од прелиминарните.

Ако победи Макрон, тој ќе биде првиот француски претседател кој освои втор последователен мандат на избори во последните 20 години, откако Жак Ширак го победи таткото на Марин Ле Пен, Жан-Мари, и го освои вториот претседателски мандат во 2002 година.

Тимот на Макрон ги резервира просторот веднаш под Ајфеловата кула, за утре вечер, па доколку тој триумфира, тука ќе одржи победнички говор.

Доколку, пак, победи Ле Пен, би влегла во историјата како првата жена избрана за шеф на државата.

Инаугурацијата на новиот претседател мора да се одржи до 14 мај, кога завршува сегашниот мандат на Макрон