Огромни износи за раскошни ручеци што ги правеле министри, но и други луѓе од институциите, се почесто излегуваат на виделина. Функционерите јаделе најскапа храна, пиеле виски, а си купувале и цигари од народни пари.
Последен скандал од ваков вид објави истражувачката мрежа БИРН, според чие што истражување тројца луѓе од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) , минатата година во кафеани направиле „цех“ од речиси 7.000 евра!
БИРН, повикувајќи се на податоците што ги добиле врз основа на слободен пристап до информации, објави дека поранешната министерка за информатичко општество Марта Арсовска-Томовска не искористила ниту денар во кафеана за службен ручек.
Но, затоа заменикот Тимчо Муцунски во периодот од април до декември, до кога бил на функцијата потрошил 150.000 денари, а според сметките јадел лосос во зелен сос, јагнешки бифтек, морска риба, пиел узо и виски, а во кафеана си купувал и цигари.
Рекордер е државниот секретар во ова Министерство, Јахи Јахија, кој направил фактури во вредност од 188.241 денари, но како што пишува БИРН, за голем дел од парите не биле доставени сметките за да се види што тој јадел и пиел.
Според една фактура од март, тој нарачал 10 килограми лешници и индиски ореви за 8.350 денари.
Минатата година, пак, поранешниот министер за образование Абдулаќим Адеми од први јануари 2015 година до 31 мај 2016 година за јадење, пиење и спиење во елитни хотели потрошил дури 20.000 евра, а неговиот заменик Спиро Ристоски – 7.500 евра.
Забелешки за трошоците за репрезентација за институциите имаше во повеќе ревизорски извештаи.







