Хашим Тачи: „Признајте го Косово и ќе дојдеме на самитот“

Косовскиот претседател Хашим Тачи објави на Фејсбук дека одбил да присуствува на Охридскиот самит наведувајќи дека Косово не сака својата евроатланска перспектива да ја замени со која било регионална иницијатива.

Тој наведе и дека Србија на првиот самит на оваа нова регионална иницијатива намерно не го повика Косово, пренесе „Косово онлајн“.

Тачи, меѓу другото, напиша и тоа дека регионалната иницијатива е бесмислена се додека Србија и Босна и Херцеговина не ја признаат независноста на Косово.

„Се залагаме за надминување на моменталните препреки со дијалог и меѓусебно признавање. Дури кога такво нешто ќе се случи, ќе станеме дел од таквите регионални иницијативи како еднаква држава“, напиша Тачи.

„Косово онлајн“ пренесува дека Тачи го критикувал албанскиот премиер Еди Рама заради учеството на самитот во Охрид каде што, како што навел, „Република Косово не е призната“.