Најмалку четири лица загинаа во пожар што избувна во зграда во областа Кампанар во Валенсија, потврди заменик директорот за итни случаи, Хорхе Суарез.
Се трага по уште 19 исчезнати лица кои, според зборовите на нивните роднини, се уште не се лоцирани.
Пожарот од големи размери зафатил и буквално проголта две големи згради во кои живеат околу 450 жители, иако, нагласуваат локалните власти, оваа бројка може да варира, пишува „Ел Паис“.
За само половина час пламените јазици целосно ја зафатија целата зграда, која била завршена во 2008 година.
Пламенот со огромна брзина се проширил на алуминиумските панели на фасадата, кои се обложени со полиуретан, многу запалив материјал, што го потврди и Естер Пучадес, професорка од Факултетот за технолошко инженерство, која извршила вештачење во истата таа зграда. За ширење на пожарот придонел и силниот ветер.
Овој материјал е легален, но повеќе не се користи во толкава мера, посебно не после трагедијата во Лондон кога изгоре зградата на Гренфел Тауер каде животот го загубија 72 лица.
Вознемирувачки сцени на луѓе кои ги молат пожарникарите за помош од нивните балкони, опкружени со оган, дојдоа од Валенсија во текот на ноќта. Секое спасување беше проследено со голем аплауз од луѓето кои беа на околните улици.
(Фото: Хозе Џордан / АФП)