Утре ќе биде пуштен во употреба граничниот премин Белановце – Станчиќ

„Новиот граничен премин меѓу Косово и Северна Македонија, Белановце – Станчиќ, ќе биде пуштен во употреба утре во 11 часот.

На настанот ќе се обратат, како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, како и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој воедно е и координатор на Владата за реализација на овој проект.

На настанот се очекува да присуствуваат и други личности од двете земји. Граничниот премин Белановце – Станчиќ, кој ги поврзува кумановскиот регион во Северна Македонија со гњиланскиот во Косово, е изграден со финансии од ИПА програмата на Европската унија.

Иницијативата за отворање на граничниот премин потекнува од 2011 година, а неговата изградба започна во јуни 2018 година, кога беше поставен камен темелникот од страна на вицепремиерите на двете земји, Бујар Османи и Енвер Хоџај, и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Жителите од кумановскиот и гњиланскиот регион досега се жалеа поради нереализацијата на проектот, затоа што, како што велат, беа принудувани да патуваат и по сто километри за, преку граничниот премин Блаце, да стасаат до местата на другата страна на границата, кои се инаку многу блиску едно до друго.