Хуманитарна помош за социјално ранливи семејства во Берово

Хуманитарната организација „Свети Спас”, додели 30 пакети со производи за социјално ранливи семејства во Берово.

Целта на оваа акција, како што информираа од општината, е да се поттикне хуманоста и емпатијата во локалната заедница, но и да се помогне онаму каде што е потребно.

„Не може толку лесно да се излезе од прагот на сиромаштија, но барем за момент да направиме некого посреќен и да покажеме внимание.

Хуманитарната организација „Свети Спас”, во повеќе наврати помага на социјално ранливи категории на граѓани во Берово и е наш партнер во реализирањето на активности од областа на социјална заштита, истакнаа од Општината.

Локалната самоуправа ќе продолжи да работи на унапредување на социјалната заштита на локално ниво.

„Преку организирање на хуманитарни активности, преку доделување еднократна помош, јакнење на капацитетите на невработените граѓани, усовршување и доедукација, ќе продолжиме да помагаме онаму каде е потребно, со цел социјално-загрозените граѓани да бидат конкурентни и да можат да најдат работа, додадоа од Општината.

Претходно хуманитарната организација „Св.Спас” организираше уште две акции за помош на социјално-загрозените лица од Берово.