„Во овој предизборен период доколку има потреба за дополнителни вработувања во градинките од итен и неодложен карактер, општините може да вложат во потребите на нивните граѓани кои ги опслужуваат како општина и да го зголемат бројот на вработени, а ние како Министерство за труд и социјална политика по изборниот период ќе дадеме согласност за истите и тие ќе си бидат вклучени во градинките како негователи или воспитувачи согласно каков кадар ќе има потреба“, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, по средбата со претставници на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК).
„Разговаравме со СОНК за голем дел од прашањата меѓу кои е и втората смена во градинките, дополнително усогласување со Колективниот договор или зголемувањето на платите на воспитувачите и негователите во градинките уште оваа година и истиот тренд да продолжи и наредната година. Во делот на втората смена во градинките сметаме дека голем дел од граѓаните ја имаат оваа потреба и ние како Влада одговорно се однесуваме кон потребите на граѓаните“, рече Царовска.
Таа посочи дека во изминатите 11 години е направен недостиг на кадар во градинките од повеќе од 2.000 луѓе, што, според неа, значи дека системски се уривала заштитата на деца во Македонија.
„Не само што немале капацитети за сместување, туку немале и кадар кој ќе се грижи за децата. Ние тоа ќе го исправиме. Од оваа година ќе почнеме со давање на реалните работни места на вработените“, рече Царовска и додаде дека си земаат обврска да постигнат квалитет во работењето во градинките.
Патем, потенцираше дека социјалниот дијалог во изминатиот период бил девалвиран и синдикатите немале големо влијание и моќ. Затоа, рече, Владата сега ќе го даде заслуженото место на синдикатите и тие ќе можат да дискутираат по сите прашања со релеватните институции и да ги вклучат работниците во донесувањето на политиките кои директно ги засегаат нив.







