Цените на нафтата достигнаа највисоки нивоа во последните 2,5 години

Цените на нафтата на светските пазари минатата недела повторно се зголемија, петти пат по ред, достигнувајќи ги највисоките нивоа во повеќе од две и пол години, бидејќи трговците очекуваат раст на побарувачката на нафта, со оглед на континуираното закрепнување на најголемите светски економии.

На лондонскиот пазар, цената на барелот минатата недела скокна за 3,6 проценти, на 76,18 долари, додека на американскиот пазар, барелот порасна за 3,4 проценти, на 74,05 долари.

Скокот на цените на нафтата на највисоките нивоа од октомври 2018 година се должи на очекувањата дека побарувачката ќе расте побрзо од понудата и дека водечките производители ќе бидат внимателни во постепено зголемување на производството.

„Цените на нафтата последните недели постојано ги оддржуваше глобалниот пад на залихите, бидејќи побарувачката и натаму бавно расте, иако прилично нерамномерно.

Залихите на нафта во наредниот приод треба дополнително да се намалат така што очекуваме цените на нафтата во третиот квартал да продолжат да растат, изјави аналитичарот на УБС Џовани Стауново.

Поддршката на пазарот стигна и со веста дека американскиот претседател Џо Бајден се договори со сенаторите да се инвестираат 1.200 милијарди долари во инфраструктурни проекти, што предизвика оптимизам за изгледите за побарувачка на енергија.

Прифатените проекти сочинуваат речиси две третини од парите што Бајден ги побара и вклучуваат 312 милијарди долари во инвестиции во транспортни проекти како што се патишта, мостови и аеродроми и 266 милијарди долари во други проекти, како што се инвестиции во водовод и широкопојасен интернет .

Зголемувањето на цените се должи и на податоците што покажуваат дека најголемите светски економии стабилно закрепнуваат од коронакризата.