Цените на нафтата минатата недела паднаа за 13 отсто

LinkSense.mk

На светските берзи цените на нафтата драстично паднаа минатата недела откако американскиот претседател Џо Бајден објави продажба на рекордни 180 милиони барели нафта од стратешките резерви за да се спречи понатамошен раст на цените на црното злато.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела потона за 13,5 отсто, на 104,39 долари, додека на американскиот пазар барелот поефтини за 12,9 отсто на 99,27 долари.

Најголемиот неделен пад на цената на нафтата во последните две години дојде откако претседателот Бајден најави дека за шест месеци, почнувајќи од мај, на пазарот ќе пласира милион барели дневно од стратешките резерви за да спречи понатамошен раст на цените на „црното злато“.

Тоа ќе биде трет пат во последните шест месеци САД да ги користат своите стратешки резерви, но и најголемото ослободување нафта во речиси 50-годишната историја на тие резерви.

Од почетокот на нападот на Русија на Украина кон крајот на февруари, цените на нафтата нагло пораснаа, што ја поттикна глобалната инфлација. А, тоа може да ги принуди централните банки на агресивно заострување на монетарната политика, предизвикувајќи забавување на глобалното економско закрепнување.

Тешките времиња бараат радикални мерки. Администрацијата на Бајден јасно верува дека скокот на цената на нафтата го оправдува потегот што сериозно ќе ги ‘истенчи’ стратешките залихи. Во следните шест месеци ќе ослободуваме по милион барели нафта (дневно), што е знак дека не се очекува скоро решение на украинската криза, која ги намали резервите на нафта“, истакнуваат аналитичарите од Харгривс Лансдаун.

Членовите на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) во петокот, исто така, најавија пласман на нафта од стратешките резерви, но се уште не се договориле за количините. За тоа ќе биде одлучено во наредните недели. На краток рок тоа ќе изврши притисок врз цената на нафтата, се согласуваат аналитичарите, но прашање е што ќе биде на долг рок.

Претстојната поплава на американски барели не го менува фактот дека на пазарот ќе му биде тешко да обезбеди доволно снабдување во наредните месеци. Американската најава бледее пред проценките дека санкциите и празнините кај клиентите ќе исфрлат три милиони барели руска нафта дневно“, рече аналитичарот на ПМВ (PMV), Стефан Бренок.

Во меѓувреме, аналитичарите на „Голдман Сач“ (Goldman Sachs) веруваат дека овој потег ќе го балансира пазарот на нафта оваа година, но не е трајно решение.

Тоа, сепак, и понатаму ќе биде ослободување на залихи на нафта, а не траен извор на снабдување во годините што доаѓаат. Таквото ослободување затоа нема да го реши структурниот дефицит на понудата што се создаваше со текот на годините“, сметаат аналитичарите на „Голдман Сач“.

Водечките производители обединети во Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници, вклучително и Русија, заклучија минатата недела дека ќе го зголемат производството за само 432.000 барели дневно во мај, и покрај притисокот од Западот на пазарот да пласираат значително повеќе нафта.

Во фокусот на трговците минатата недела беа и преговорите меѓу Русија и Украина за примирје, со продолжување на жестоките напади на руската армија врз украинските градови.

Русија извезува меѓу 4 и 5 милиони барели нафта дневно, од кои околу половина оди во Европа, што после Саудиска Арабија е втор најголем извозник на нафта во светот. Заради тоа, трговците стравуваат дека прекините во испораките од Русија дополнително ќе го зголемат јазот помеѓу слабата понуда и растечката побарувачка.

Аналитичарите на „ЈП Морган“ (JPMorgan), во освртот на ситуацијата на пазарот, пишуваат дека ги задржуваат своите проценки за просечната цена на барелот во вториот квартал на 114 долари и 101 долар во втората половина од годината.

Клучно е дека ослободувањето на залихите на нафта не е постојан извор на снабдување, и ако заглавените руски барели бидат во просек поголеми од еден милион барели дневно следната година, тоа ќе ја остави 2023 година во длабок дефицит, што значи дека нашата проценка за цената од 98 долари за барел е премногу ниска“, велат аналитичарите од таа банка.

Откако минатата година се зголемија за повеќе од 50 отсто, благодарение на глобалното економско закрепнување од кризата со коронавирусот, од почетокот на оваа година цените на нафтата скокнаа за повеќе од 30 отсто.