Црвенковска: Крајна цел на сите реформи во судството е да создадеме систем на кој ќе му се верува

LinkSense.mk

Високи претставници на судската власт денеска учествуваат на работилница за системите за управување со перформансите на судството во рамките на МАТРА проектот, посветен на зајакнување на независноста, ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет, а со тоа и на целиот судски систем.

Како што информираат од Судскиот совет, претседателката на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Павлина Црвенковска, на денешната сесија која е посветена на ефикасноста на судството, ги нагласила двата клучни елемента за ефикасен судски систем.

„Првиот елемент е брзата, ефикасна и објективна правда и второто, довербата на граѓаните кон судскиот систем. Овие две работи се зависни една од друга, ако сакаме да постигнеме ниво на висока доверба кај граѓаните ние мораме ним да им овозможиме лесен, едноставен, сигурен и објективен пат до правдата. Бројките за сработеното стануваат неважни ако ние не обезбедиме правда и правичност и ако не стигнеме до задоволително, а во иднина и до високо ниво на доверба. Според мене крајната цел на сите реформи во судството или крајот на сите проекти, вклучително и МАТРА проектот, е недвосмислено да создадеме систем на кој ќе му се верува, систем на кој ќе може да се потпрат обесправените граѓаните, целина за која ќе знаеме дека е успешна, независна и која делува исклучиво според закон, без надворешни влијанија на која било елита, истакнала Црвенковска.

Таа ги посочи двете нови методологии донесени во Судскиот совет, кои се значајни документи кон обезбедување на ефикасно судство.

„За таа цел ние од поодамна имаме донесено Методологија за квалитативно оценување на судиите и на претседателите на судовите. Преку таквата методологија ќе ги исклучиме субјективните фактори за оценување на судиите, кои потоа служат и за унапредување на одреден судија. Едноставно правиме напор оценувањето да се спроведе врз мерливи критериуми базирани на објективни резултати, а тоа секако дека ќе ја зголеми ефикасноста на судството. Минатата година донесовме Методологија за утврдување сложеност на судските предмети преку која прецизно ќе се знае кој судија колку предмети треба да има во текот на годината. Таквата методологија ќе овозможи предметите да се решаваат во побрзи рокови, со прецизно утврдени сведоци, докази, број на рочишта, а следствено на тоа однапред ќе биде извесно кога судијата ќе изрече пресуда, појаснила Црвенковска.

Овој документ, потенцирала, ќе даде голем придонес во зголемување на ефикасноста на судството

„Овие две методологии се во фаза на имплементирање во АКМИС системот, што значи создаваме услови за нивна дигитална примена со што оценувањето на судиите и контролата врз предметите на кои работат ќе биде поголема. Во ситуација кога самите судии ќе знаат дека оценувањето на нивната работа се врши врз точно утврдени критериуми низ објективна призма и кога ќе знаат дека им се делат предмети според нивната сложеност тогаш самите судии ќе имаат поголем мотив да бидат поефикасни, постручни, објективни и независни, нагласила Црвенковска.

Проектот МАТРА е под покровителство на Министерството за надворешни работи на Холандија. 

 

МИА