Честитка од Мицкоски по повод Успение на Пресвета Богородица

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска упати честитка до православните христијани по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

„Дозволете ми во мое лично име и во име на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни христијани да им го честитам големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица. Покрај желбите за добро здравје и радост, дозволете ми во духот на празникот да посакам добрината и заедништвото да бидат водилката низ животот на секој човек, затоа што тие се христијански и цивилизациски вредности кои го водат светот кон подобро утре“, порача Мицкоски.

Нагласи дека секое време носи свои премрежија и тешки мигови, но љубовта кон ближниот, кон својот народ и својата татковина треба да бидат темелот на кој секој човек, врз кои ќе ги гради своите постапки и своите дела.

„Денес е денот кога секој човек дома, во својот дом празнувајќи ги миговите со своето семејство треба да се присети на традицијата на меѓусебно разбирање и истрајност, длабоко вкоренети во кодот на нашиот народ, кои се основата на секоја индивидуална, но и колективна борба за подобра иднина. Секоја борба е трнлив пат, со неправди, несигурност и предизвици, но истрајноста и посветеноста на тој пат секогаш води до успех. Да научиме борбата за подобра иднина да ја водиме со сплотеност и истрајност, затоа што тоа е единствениот правилен пат“, порача тој.

Воедно го честита и денот на македонските рудари, оние кои, како што
нагласи, со мака, труд и посветеност заработуваат за своите семејства и
својата иднина.

„Посакувам во овие тешки мигови за нашата држава да имате работа, да ве следи добро здравје и да сте задоволни од сработеното и заработеното. Знам дека многумина од вас чувствуваат несигурност во услови кога за 5 месеци останаа 40 илјади работници без работа. Тоа е голема болка и страдање за многу семејства кои изгубија егзистенција. Посакувам секој еден од вас да си го сочува своето работно место и започнеме да градиме иднина“, вели Мицкоски.

„Македонија е нашиот заеднички дом кој сите без разлика на етничката и верска определба мораме да го чуваме и да го градиме, спротивставувајќи се на модерните предизвици како криминалот и корупцијата кои го разјадуваат и уништуваат. Домот и семејството се светост, а Македонија и македонската нација се тоа и затоа вреди секој да се посвети во чување на нашите светости. Нека е за многу години празникот. Нека е жива Македонија“, напиша тој во честитката.