Четврто заклучување во Австрија поради коронавирусот

LinkSense.mk

Од денеска во Австрија почнува четвртото заклучување поради епидемијата на коронавирусот, со што земјата стана првата западноевропска земја што повторно воведе драстична и непопуларна мерка оваа есен.

Повеќето места каде што се собираат луѓето, како ресторани, барови, театри и продавници, ќе бидат затворени 10 дена, а Владата соопшти дека заклучувањето може да продолжи и 20 дена.

Ќе мора да се затворат и божиќните саеми кои привлекуваат голем број туристи, но скијачките центри остануваат отворени за вакцинираните. Хотелите ќе се затворат, но ќе останат отворени за оние кои останале во нив пред заклучувањето.

– Ова е ситуација кога треба да реагираме сега. Заклучувањето, релативно тежок метод, е единствената опција за намалување на бројот на инфекции овде, изјави министерот за здравство Волфганг Муекштајн за ОРФ.

Во петокот, Владата во Виена соопшти дека денеска повторно ќе воведе целосно заклучување и оти вакцинацијата ќе биде задолжителна од 1 февруари, потег што го спроведоа само неколку земји.

Граѓаните можат да ги напуштат домовите само доколку одат на работа или да купат основни намирници. Одењето на прошетка е дозволено без временски или далечински ограничувања, а истовремено може да се сретнат две лица од различни домаќинства.

Работните места и училиштата остануваат отворени, но Владата побара од родителите да не ги испраќаат своите деца во училиштата и да ги задржат дома ако е можно.

 

ФОТО: МИА