Четири гола и две тепачки на мечот Јувентус-Салернитана

LinkSense.mk

Неверојатен натпревар одиграа Јувентус и Салернитана во 6. коло од Серија А, а како се одвиваше натпреварот и колку фудбалска страст се покажа на теренот, чудо е што на крајот заврши „само“ со четири исклучувања во завршницата за паметење.

Гостите во Торино водеа со сосема неочекувани 0:2 на полувремето, благодарение на раниот гол на Кандре, а потоа и пеналот на Пјонтек.

Се се смени откако Филип Костиќ во 51. минута го надмудри својот чувар, а потоа одлично нафрли на Бремер за намалување на негативата.

Иако „Јуве“ не брилјираше на овој меч, во завршницата на мечот се чинеше дека „старата дама“ ќе го освои целиот плен, и покрај тоа што на почетокот на 93. минута семафорот покажуваше 1:2, а домашните притоа промашија пенал.

Сепак, искусниот Леонардо Бонучи веднаш се „извади“. По неговиот кикс од белата точка тој натрча на одбиената топка и го израмни резултатот. Но, на крајот излезе трагичар.

Само една минута подоцна неговиот соиграч Милик ја затресе мрежата на Салернитана, речиси цел стадион славеше мислејќи дека „тоа е – тоа“, победија со 3:2, но …

Проверката на ВАР покажа дека Бонучи се нашол во недозволена позиција кога Милик со глава ја упати топката во мрежата, па бидејќи е утврдено дека дефанзивецот на Јувентус во таа прилика му пречел на голманот на гостите – голот е поништен.

Аркадијуш Милик тогаш веќе беше исклучен, бидејќи доби втор жолт картон за соблекување на дресот во текот на (залудната) прослава за постигнатиот погодок, а не долго потоа почна првата од двете тепачки на теренот.

Таа доведе до исклучување на крилниот напаѓач на Јувентус, Квадрадо, чиј судир со Фасио ниту Душан Влаховиќ не можеше да го спречи. Поради протестот исклучен беше и тренерот на „Јуве“, Масимилијано Алегри, а натпреварот поради тоа траеше додека на семафорот не се појави 112. минута.

Сепак, мрежите повеќе не се тресеа, па Јувентус по шест кола е (само) осми на табелата, со четири бода помалку од лидерот Наполи, кој собра 14, додека Салернитана е веднаш зад „старата дама“, со седум поени.

 

 

 

 

 

(Фото: АП)