Чешка и испраќа воена помош на Украина

LinkSense.mk

Чешка испраќа тенкови Т-72 и пешадиски борбени возила БВП-1 во Украина, информираше денеска извор од чешките одбранбени сили, потврдувајќи ги извештаите на медиумите. Тој наведува дека тоа е подарок што е договорен со сојузниците во НАТО.

Чешката државна телевизија претходно јави дека пратката била натоварена на вагони, а во неа имало пет тенкови и пет борбени возила.

Информацијата ја потврди и претседателот на Комисијата за европски прашања во долниот дом на чешкиот парламент, Ондреј Бенешик.

Министерката за одбрана Јана Чернохова изјави во парламентот дека нема да ги потврди или негира информациите, но рече: „Можам само да кажам дека Чешката Република и помага на Украина колку што може и ќе продолжи да испорачува лесна и тешка воена опрема“.

Според портпаролот на чешкото Министерство за одбрана, Чешка испратила воена помош за Украина во вредност од околу милијарда круни од почетокот на војната на 24 февруари.

И други западни земји испраќаат воена опрема. Така, Германија одобри испорака на неколку десетици пешадиски борбени возила (ИФВ) на 1 април, откако Берлин претходно беше критикуван дека не испратил доволно воена помош за Украина.

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО на состанокот, што утре и во четврток ќе се одржи во Брисел, ќе разговараат за испраќање повеќе оружје во Украина, најави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.