Шаленберг е категоричен: Македонија е пример на ЕУ кандидат

Австрија веднаш го прифатила барањето на Европската комисија во февруари годинава таа да биде главен координатор при испорака на вакцини за Западен Балкан, бидејќи регионот бил приоритет за австриската надворешна политика, истакнува во интервју за МИА шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.

Вакцините се дел од програмата на Европската унија за помош на соседните земји и Африка, а Виена ќе координира за шесте земји од Западен Балкан, и од мај до август во регионов, во неколку транши, ќе испрати 651.000 дози на антиковид вакцината на Бионтек/Фајзер, од кои 119.000 ќе бидат за Македонија.

„За оваа цел пред неколку дена ги склучивме договорите со сите шест партнери од Западниот Балкан, откако ги решивме сите прашања поврзани со самата испорака и правните аспекти. Австрија однапред ќе ги финансира вакцините. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, ќе бидат финансирани преку средства од ИПА II што Европската комисија ги одобри при крајот на декември минатата година. Така, сите 119.000 дози за Македонија ќе претставуваат донација од страна на Европската унија и нејзините земји-членки“, вели Шаленберг.

И покрај незадоволството од динамиката и распределбата на вакцините во некои земји членки, тој не се согласува со оценката дека Унијата не успеа да обезбеди нивна рамномерна дистрибуција, почитувајќи го притоа принципот на солидарност како една од темелните вредности.

„Европската комисија обезбедува вакцини за сите земји-членки на ЕУ. Унијата не падна на тестот туку ги исполнува очекувањата за солидарност, што претставува едно од нејзините основни начела. Донацијата на 651.000 дози за Западен Балкан е доказ за посветеноста на ЕУ кон солидарност, бидејќи „никој не е безбеден се додека сите не се безбедни“, уверува Шаленберг.

Во однос на предложениот дигитален зелен сертификат, Австрија, вели тој, целосно го поддржува како важен чекор кон олеснување на слободното и безбедно патување. Овој сертификат, според Шаленберг, не претставувал „вакцинален пасош“, тој немало да биде достапен само за лица кои се вакцинирани, туку и за оние кои се тестирале или ја прележале болеста, со цел да се овозможат максимални придобивки.

„Воведувањето на овој сертификат ќе овозможи поголема мобилност и ќе даде поттик на економијата и туризмот во текот на летната сезона. Тој претставува перспективна излезна стратегија кон нормалноста на која сите се надеваме“, истакнува шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.

За тоа колку се реални очекувањата за деблокада на Македонија од страна на Бугарија за стартот на преговорите со ЕУ Шаленберг вели:

„Јас бев длабоко разочаран од неможноста да се започнат пристапните преговори со Северна Македонија. Билатералните и историските прашања треба да бидат одвоени од овој процес. Ќе видиме како и кога ќе може да се формира нова влада во Бугарија. Кога и да се случи, двете страни не треба да губат време и треба да преземат конкретни чекори за меѓусебно приближување со цел да се ослободи патот за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ што е можно побрзо. Охрабрен сум од фактот дека партиите со нагласена националистичка агенда не беа наградени од страна на бугарските гласачи. Северна Македонија е пример на ЕУ кандидат и направи се како што треба во процесот на пристапување кон Унијата.“

 

(Извор: МИА)