ШЕГАТА СТАНА СТВАРНОСТ: Бенџамин Френклин е иницијатор за менување на времето

LinkSense.mk

Пред пет години 84 отсто од граѓаните на ЕУ гласаа за укинување на оваа докажана нездрава работа. Но, залудно. А, кому воопшто му паднала на ум „генијалната“ идеја за да се воведе летно и зимско сметање на времето?

Во рамките на ЕУ, промената на времето се применува во сите земји-членки од 1996 година (освен прекуморските територии) за околу 512 милиони граѓани и за милиони соседи во Европа.

Дискусиите „за“ и „против“ се водат од самиот почеток.

Во 2018 година, во онлајн анкета на Европската комисија, 84 отсто од испитаниците гласаа за укинување на менувањето на часовникот. Оттогаш – ништо не се смени.

А, еве како тоа почна поместувањето на стрелките на часовникот нанапред и наназад.

Се почнало со шега пред 240 години. Во далечната 1784 година, 75-годишниот Бенџамин Френклин (1706-1790), еден од татковците на САД, кој се занимавал со разни работи, шегувајќи сесо пријателите предложил воведување на летно сметање на времето. Во тоа време, тој бил амбасадор на САД во Париз, сакал да игра шах до раните утрински часови и обично спиел до пладне.

Во една статија, тој опишал како случајно се разбудил во 6 часот наутро и видел – Сонце.

И тогаш пресметал колку свеќи и масло за светилки може да се заштедат ако се помести часовникот. А, бидејќи се знае дека Парижаните не сакаат да ги менуваат своите навики и да стануваат порано, мора да се преземат драстични мерки, сметал веселиот Френклин, и исто така предложил Париз да ги оданочува ролетните, а населението да го буди со топовски плотуни. На Французите тоа им било исто така многу забавно, а предложената промена на времето паднала во заборав.

Но, 100 години подоцна, двајца научници, независно еден од друг, предложиле сезонско поместување на часовникот: во 1895 година, новозеландскиот астроном Џорџ Вернон Хадсон и во 1907 година, британскиот пронаоѓач Вилијам Вилет. Тие внимателно пресметале колку може да се заштеди на осветлување со поместување на часовникот.Само Винстон Черчил бил одушевен од таа идеја.

Дури кога во 1916 година, среде Првата светска војна, Германија и Австро-Унгарија неочекувано воведоа летно сметање на времето, тоа го направија и воените противници Велика Британија и Франција, како и некои други европски земји.

Кога војната запре, Германија во 1919 година ја укина непопуларната „воена мерка“.

Во Франција, селаните со протести во 1922 година успеаја да постигнат укинување на летното сметање на времето. Меѓутоа, промената на времето е повторно воведена во 1923 година. Велика Британија, пак, е единствената земја која континуирано се придржува до летното сметање на времето.

Кога почна Втората светска војна, Германија се сети на идејата за заштеда на енергија и повторно го воведе летното сметање на времето во 1940 година. Берлинското сметање на времето важело и за окупираните територии.

Германија повторно ја изгуби војната и промената на времето беше укината во 1949 година во двете Германии. Кога нафтениот шок во 1973 година ја турна Европа во длабока криза и кога беа воведени забраните за возење, луѓето се сетија на менување на часовникот. Франција беше првата западноевропска земја која повторно го воведе летното сметање на времето во 1976 година. Од 1980 година тоа го направија и Западна и Источна Германија.