Шест нови санкции за Русија

LinkSense.mk

Европската унија планира да предложи задолжително постепено укинување на увозот на јаглен од Русија, како директен одговор на извештаите дека руските сили извршиле очигледни воени злосторства во Украина, изјавија извори за Блумберг.

Предлогот треба да биде вклучен во пакетот чекори насочени кон зајакнување на постоечките мерки и корекција на „дупките во законот“ за кои амбасадорите на ЕУ веќе треба да разговараат оваа недела.

За деталите за забраната и времето на повлекување на јагленот сè уште се дебатира, велат изворите. Се очекува Европската комисија, исто така, да предложи забрана за влез на руски камиони и бродови во ЕУ.

ЕУ засега нема планови да ги санкционира нафтата или гасот. Но, земјите од Унијата се длабоко поделени околу следните чекори, а некои влади продолжуваат да бараат барем сигнал дека ЕУ сака да го намали увозот на руска нафта, рече еден извор.

Неколку влади, вклучувајќи ги и Германија и Унгарија, се спротивставија на продолжувањето на санкциите за енергетскиот сектор на Русија, но обвинувањата дека руските трупи при повлекувањето убиле многу невооружени цивили доведоа до обновен притисок кај некои источни членки да воведат такви санкции.

За одобрувањето на пакетите и забраната за увоз на јаглен потребна е поддршка од сите 27 земји-членки.

Како дел од истиот предлог, Унијата сака да ја прошири контролата на извозот на повеќе технологии кои се користат во одбранбениот сектор и други клучни индустрии, како и ограничувања за продажба на опрема за ЛНГ.

Извршната власт на Европската унија, исто така, предлага да се додадат уште десетици луѓе и субјекти на списокот на санкционирани поединци и компании, вклучително и банки, како што е ВТБ Банка (VTB Bank PJSC), кои се отсечени од глобалниот систем СВИФТ (SWIFT), но сè уште не се во целост санкционирани.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оваа недела ќе го посети Киев за да се сретне со украинскиот претседател Зеленски. Фон дер Лајен на Твитер објави список со санкции што Унијата утре ќе ги воведе кон Русија:

  • Забрана за увоз на јаглен од Русија, во вредност од над 4 милијарди евра годишно, со што се намалува уште еден важен извор на приходи за Русија.
  • Потполна забрана за трансакции за четири клучни руски банки, меѓу кои и за ВТБ, втора најголема руска банка.
  • Забрана за пристап на руски бродови до пристаништата во Европската унија и забрана за руски и белоруски превозници во патниот промет.
  • Понатамошна забрана за извоз, во вредност од 10 милијарди евра, во клучните подрачја: напредни полупроводници, машини и транспортна опрема.
  • Посебни нови забрани за увоз, во вредност од 5,5 милијарди евра.
  • Забрана за учество на руски фирми во јавни набавки во Унијата и исклучување на каква било финансиска поддршка од ЕУ за националните руски јавни тела.