Шилегов: Град Скопје е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор

Град Скопје и сега е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор во доменот на надлежностите на локалната самоуправа на територија на целиот град.

Се подготвува меѓуопштински договор кој до крајот на овој месец треба да го потпишеме заедно со десетте скопски општини, преку кој ќе се изврши централизирање на инспекцискиот надзор на територијата на главниот град, под капата на Град Скопје.

Ова денеска го изјави градоначалникотна Град Скопје Петре Шилегов на дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“.

Дебатата е во организација на НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на локалните инспекторати“, поддржан од Амбасадата на САД.

„Во тек е финално усогласување на ставовите кое ќе резултира со конечен предлог. Целта на ова е да се избегнат случаите каде што некој може да помисли или да почне да гради дивоградба во центарот на Скопје, каков што беше случајот со дивоградбата кај „Мавровка“. За жал, тоа се некои навики од минатото кои по инерција се случуваат кај поединци, но она што е позитивно за разлика од минатото, е фактот што сега постои политичка волја на сите релевантни субјекти да се спречи ваквото урбанистичко дивеење и не само да се спречи, туку и да се превенира и во иднина да не ни се случува“, потенцира Шилегов.

Шилегов нагласи дека кај политичката опција на власт има огромна волја да се стави крај на слабостите што постојат во оваа сфера и додаде дека разговарале со  градоначалниците на десетте скопски општини и барале решение како да се стигне до модел што ќе функционира и ќе биде ефикасен.

Информира дека отакако ја преземал функцијата, сите годишни извештаи на инспекциските служби се објавуваат јавно и транспарентно на веб-страницата на Градот, бројот на казни и опомени се зголеми најмалку двојно, а некаде и повеќе од
двојно.

На денешната дебата присуствуваа и градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумоски, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, директорката на ЗЕЛС Душица Перишиќ, директорката на НВО Инфоцентар Билјана Бејкова, како и претставници од Министерството за локална самоуправа, Државниот инспекторат за локална самоуправа и Инспекцискиот совет.

Градоначалниците се согласија дека ова е сериозна тема и дека треба да се зголеми бројот на инспектори.

Според нив, инспекторите настапуваат самостојно, независни се, работат по дојава, пријава или по допрен глас од граѓаните.

Посочија дека имаат институционални проблеми, проблеми со судовите, како со судења во разумен рок и додадоа дека треба измени во тој дел.