Шиц: Разговорите мора да се продолжат, и Бугарија сака С Македонија да се приклучи во ЕУ

– Германија многу посакуваше до крајот на годината да се одржат првите меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија, но за жал не е можно да се увери Бугарија да даде согласност, па разговорите мора да се продолжат наредната година, при што постојано стававме јасно до знаење дека за билатералните прашања, особено историските разлики, нема место во процесот на проширување, вели директорката за Југоисточна Европа, Турција и државите од ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи Сузане Шиц во интервју за Дојче Веле.

Таа нагласува дека приближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ е стратешки важна одлука за регионот, но и за Унијата, па затоа тоа беше еден од приоритетите на претседавањето на Германија со блокот.

– Ако фрлиме поглед на 2020 година, не радува што на Западниот Балкан имаше важен напредок. Иако можеби луѓето во регионот се надеваа на уште повеќе, чашата треба да се гледа како полуполна. Така, во март имаше многу важна одлука на земјите членки на ЕУ за почеток на преговори за членство со Албанија и Северна Македонија – важна политичка одлука, која успеа дури по повеќе обиди. Се разбира дека многу посакувавме веќе на крајот на годината да се одржат првите конференции за приклучување. На овој пат стигнавме доста далеку со двете земји, нагласува Шиц.

Таа изразува разочарување поради тоа што и покрај „навистина интензивната работа“, Бугарија и Северна Македонија не се успеаја да изнајдат компромис, но потенцира дека не смее да се заборави дека оваа година земјава стана членка на НАТО.

– Во случајот со Северна Македонија, за жал, не е можно Бугарија да се увери да даде согласност. Но, и Северна Македонија имаше црвени линии преку кои не можеше да се премине. Сега разговорите мора да се продолжат наредната година. Притоа, постојано стававме јасно до знаење дека билатералните прашања, особено историските разлики, немаат место во процесот на проширување. Затоа и пледиравме прашањата кои се однесуваат на заедничката историја да се дискутираат во Комисијата на историчари која ја создадоа двете држави во рамките на Договорот за пријателство. Конечно, и Бугарија сака Северна Македонија да може да се приклучи во ЕУ, потенцира Шиц.

Таа потенцира дека Германија ќе продолжи да работи на процесот на приближување на Западниот Балкан кон ЕУ, особено имајќи предвид дека земјата во 2021 година ќе претседава со Берлинскиот процес, преземајќи го претседавањето од Северна Македонија и Бугарија.

– Во рамките на нашето претседавање со Берлинскиот процес ќе го продолжиме дијалогот со цивилното општество и младите. Се разбира, и од владите во регионот постојано ќе бараме придржување до основите на правната држава и уште поактивна борба против корупцијата. Освен тоа, има и други елементи, како прашањето на образовните системи и борбата против невработеноста. Важно е земјите сами да создадат услови за да им дадат на луѓето таму перпектива за иднина за себе и за нивните семејства, потенцира Шиц во интервјуто за Дојче Веле.

ИЗВОР: МИА