Шкријељ: Правата на граѓаните се загарантирани, исплатите за ранливите категории се сигурни

„Функционирањето на институциите мора да биде приоритет, нема да дозволиме граѓаните да бидат жртви на меѓупартиски препукувања. Сите реформски процеси, сите права од областа на социјалната заштита, социјалната сигурност на стари лица ќе продолжат да се исплаќаат редовно согласно воспоставената динамика, изјави денеска на прес-конференција дополнителната заменичка министерка во Министерството за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

„МТСП доби нова техничка министерка од опозициската партија и доби дополнителна заменик министерка. Сакаме да ги увериме граѓаните дека ова на никаков начин нема да има влијание и да се одрази негативно врз сите реформски процеси што се веќе започнати во Министерството. Сите права коишто се од областа на социјалната, детската заштита, социјалната сигурност на стари лица ќе продолжат и понатаму да се исплаќаат редовно согласно веќе воспоставената динамика на МТСП, рече Шкријељ.

Оцени дека социјалната реформа што ја спроведе и ја започна тимот на Министерството пред две и пол години е фактички е една од најуспешните политики на оваа влада  и бројките сами за себе зборуваат за тоа.

„Тоа значи дека над 27 илјади семејства земаат во просек за 300 проценти поголем износ за социјална помош. Над 27.000 деца примаат детски додаток,  над 8.500  деца примаат образовен додаток,  а право на социјална пензија користат и имаат остварено 4.171 возрасно лице. Овие права нема да дозволиме  никој нема да им ги ускратат на граѓаните  ниту ќе дозволиме да бидат ставени под некаков притисок во насока на остварување на било каков интерес, посочи таа.

Шкријељ ги повика стечајните работници уште од утре да поднесуваат барања согласно последните измени на Законот за материјално обезбедување на невработени лица  заради приватизација на претпријатија од државна сопственост што Собранието ги усвои.

– Очекуваме уште најмалку 1.000 стечајни работници да го остварат ова право за месечен надоместок од 8.000 денари до пензионирање. Имаме опфатено вкупно 12.000 стечајни работници. Секогаш на прво место се граѓаните, рече Шкријељ која ја повика министерката Рашела Мизрахи на конструктивност и соработа.

Шкријељ потврди дека е во редовна редовна комуникација со министерката Мизхрахи и оти граѓаните не треба да се грижат во однос на исплатата на социјалните трансфери.

Во контекст на проблемите во делот на исплатата на нега од друго лице таа рече дека формирани се 15 комисии од лекари и специјалисти низ целата држава, за да не се прави застој и дека предметите не се блокирани и имаат рок за решавање.