Шолц: „Преку потребно е да се разговара со Путин!“

LinkSense.mk

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека одржувањето на комуникација со рускиот претседател Владимир Путин е од суштинско значење, дури и кога Москва ја продолжува својата војна против соседна Украина.

Апсолутно е неопходно да се разговара со Путин и јас ќе продолжам да го правам тоа, како и францускиот претседател“, рече Шолц во интервју за германската новинска агенција ДПА.

Западните лидери ги продолжуваат дипломатските напори за ставање крај на војната што започна на 24 февруари. Шолц се врати од Киев еден ден претходно, каде разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоханис.

Кога разговарам со Путин, ги кажувам истите работи што ви ги кажувам и вам“, рече Шолц.

Тој истакна дека е важно да се разбере дека Русија не може да наметнува услови за мир со Украина. Исто така, напомена дека ќе му каже на Путин дека греши „ако навистина верува дека ќе ограби некоја земја, а после тоа да се надева дека времињата ќе се променат и дека сè ќе биде нормално“.

Морате да ги повлечете своите војници и мора да најдете договор со Украина што е прифатлив и коректен за народот на Украина“, рече Шолц дека ќе му порача на Путин.

Германскиот канцелар вели дека е „оптимист“ за договорот на европските земји на следниот самит за доделување статус кандидат за членство во ЕУ на Украина.

Европа делуваше обединето по руската агресија врз Украина и ние ќе продолжиме да го правиме тоа, па сигурен сум дека ќе најдеме начин да донесеме заедничка одлука“, рече тој за ДПА.

Мораме да прифатиме дека тоа е едногласно гласање на 27-те земји членки и ќе треба да најдеме заеднички пристап, но јас сум прилично оптимист дека ќе успееме“, додаде тој.

Европската комисија вчера препорача земјите-членки да им доделат кандидатски статус на Украина и Молдавија, а истата перспектива и се нуди и на Грузија, но со дополнителни услови. Европските лидери ќе се состанат на 23 и 24 јуни.