Шпионска афера во Израел: Чистач од куќата на министерот за одбрана украј тајни податоци

LinkSense.mk

Израелската безбедносна агенција (ИСА), позната и како Шин Бет, спречи обид за шпионажа против министерот за одбрана Бени Ганц.

Осомничен е чистачот којшто работел во куќата на Ганц. Тој се обидел да продаде тајни податоци на хакерска група која, наводно, е во врска со Иран, соопшти израелскиот обвинител.

Син Бет спровеле истрага со знаење на министерот и против извесен Орен Горен Гороховски (37) е покрената кривична постапка, објавија израелските медиуми. Тој, според наводите од обвинителството, контактирал со хакерската група „Црна сенка“, нудејќи им доверливи материјали и пристап до компјутерот на министерот. Обвинителството соопшти дека неговиот обид за шпионирање е спречен пред да успее да предаде што било на таа хакерска група.

Гороховски, државјанин на Израел, стапил во контакт со хакерите преку лажен идентитет на социјалните мрежи, откако дознал дека на мета им биле цели во Израел. Тој им понудил да инсталира шпионски софтвер на компјутерот на Ганц, барајќи пари за тоа.

Исто така, велат од обвинителството, осомничениот на групата и испратил десетина слики од куќата на министерот, од внатрешноста и од дворот, а како доказ дека навистина работи кај него ја испратил неговата ај-пи адреса.

Горен има криминално досие. Четиринаесет пати бил апсен, пет пати осудуван, а четири пати бил во затвор.

Опозицијата во Кнесет, израелскиот парламент, побара истрага за тоа како е можно кај министерот за одбрана да биде вработен човек кој има толку обемно криминално досие.