Еден ден откако тројца Германци беа уапсени под обвинение дека шпионирале за Кина, германската национална телевизија, АРД, објави дека во Дрезден е уапсен Џијан Г. (43), вработен во канцеларијата на европратеникот и главен кандидат на АфД за европските избори, Максимилијан Крах. Постојат сомневања дека работел за кинеската тајна служба. Живеел во Брисел и Дрезден.
Џијан Г., наводно, пред десетина години се понудил како доушник на германските тајни служби, но бил одбиен како можен двоен агент.
Сега го сомничат дека на кинеското Министерство за државна безбедност му пренесувал информации од Европскиот парламент и дека во Германија шпионирал кинески дисиденти, со оглед на тоа дека со години е активен во кинеските дисидентски кругови. Џијан Г. веќе неколку години е германски државјанин, се наведува во извештајот на АРД. Едно време беше член на СПД.
Џијан Г. во Дрезден дошол во 2002 година како студент, а подоцна работел како деловен човек. Максимилијан Крах, кој работел како адвокат во Дрезден, наводно, го запознал кога ја основал компанијата.
Кога Крах во 2019 година влезе во Европскиот парламент, го ангажираше Џијан Г. како свој асистент. Порталот „Т-онлајн“ минатата година прв извести за сомнителните односи на Крах со Кина, спомнувајќи го притоа и Џијан Г.
Според наводите на германските истражувачки новинари, Крах при проверката од ФБИ лани во декември кај себе имал четирицифрена сума пари.
За помалку од 24 часа четворица уапсени: Германската Канцеларија за заштита на уставот – БфВ (BfV), сојузната тајна служба, соопшти дека во Бад Хомбург го уапсиле претприемачот Томас Р. (59), а во Дизелдорф брачната двојка Ина (68) и Хервиг Ф (72).
Според зборовите на федералниот обвинител Јенс Ромел, Томас Р. бил кинески агент, а уапсениот пар водел компанија во Дизелдорф што служела „за контакт и соработка со луѓе од германската наука“. Токму во тие моменти преговарале за истражувачки проекти кои би можеле да бидат корисни за кинеската морнарица. За кинески партнер спровеле студија за делови за машини кои можат да се користат во бродски мотори – како оние во воените бродови.
Зад кинескиот партнер, пишува „Дер Шпигел“, стоел припадник на тајната служба, а истражувањето го финансирале кинеските власти.
Апсењето на осомничените за шпионирање за Кина го отвара прашањето како Германија треба да се позиционира кон својот најголем трговски партнер.
Пред две недели канцеларот Олаф Шолц беше во посета на Кина и на Универзитетот Тонги во Шангај разговараше со студентите. Рече дека му е мило што бројот на кинески студенти во Германија повторно се зголемува.
„Размената во науката и истражувањето мора да се интензивира“, порача тој.
Тајните служби со години предупредуваат за офанзивните акции на Пекинг. Долгорочно, Кина претставува поголема закана за германската безбедност и интереси од Русија, предупреди шефот на германската тајна полиција, Томас Халденванг, во 2022 година во Бундестагот.
На мета на кинеската тајна служба се кинеските дисиденти во Германија.
Исто така, кинеските шпиони се обидуваат да го разберат научното знаење на иднината во големи размери: се интересираат за квантната технологија, вештачка интелигенција, хиперсоничната технологија, биотехнологијата… Тука се и сајбер шпионите. Освен германските компании, во нивниот фокус се повеќе им е и политиката, предупредува БфВ.
Како што откри истражувањето на „Шпигел“ во декември, кинеската државна безбедност сега регрутира политичари во Европа.
Повеќе од три години белгиски десничарски политичар од агент во Кина добивал инструкции кои прашања да ги поставува, а од неговиот разговор со „менторот“ на социјалните мрежи, се чини дека истото го правел и еден политичар од германската АфД.
Германската влада се обидува по примерот на Кина да покаже дека научила поука од рускиот напад на Украина, пишува „Шпигел“.Но, германската индустрија е длабоко зависна од кинеската побарувачка.Германската економија минатата година во Кина вложи 11,9 милијарди евра, повеќе од кога било досега.
Хемискиот гигант „БАСФ“ гради фабрика во јужна Кина за дури десет милијарди евра. Вредноста на увозот од Кина во 2023 година го надмина германскиот извоз за 59 милијарди евра. Трговскиот дефицит меѓу Европа и Кина е тројно зголемен за десет години.
Германскиот економски институт (IW) наброи околу 200 групи производи, од кои најмалку 50 отсто Германија ги увезува од Кина. Има хемикалии, соларни ќелии и батерии, преносни компјутери, магнети и ретки суровини. САД и ЕУ размислуваат за царини, но Шолц е против тоа. Новиот слоган е „намалување на ризикот“ – со тоа што намалувањето на зависноста треба да трае со години, а не со месеци, пишува „Шпигел“.
„Нападот на Путин јасно покажа дека меѓусебната економска зависност повеќе не е гаранција за мир“, вели Јирген Матес, од Економскиот институт.
(Фото: Илустрација / Филип Шулце – дпа)