Министерството за внатрешни работи на Австрија соопшти вчера дека 39-годишен грчки државјанин е приведен во Виена под сомнение дека работел во Главната разузнавачка управа на Генералштабот на вооружените сили на Русија.
„Осомничениот, наводно, бил шпион на руската воена разузнавачка служба ГРУ“, објави прес-службата на Одделот, во изјава за уредникот, на барање на РИА Новости.
Весникот „Кронен цајтунг“ објави дека приведениот грчки државјанин, наводно, е син на поранешен руски дипломат, кој работел во Австрија и Германија.
Истиот весник пишува дека на притворениот му се заканува казна затвор до пет години.
Од австриското Министерство за внатрешни работи соопштија дека осомничениот за шпионажа поминал специјална обука во Русија, како и дека имал контакти со дипломати и разузнавачи од различни земји.
„Исто така, постои сомнеж дека осомничениот бил извор на информации за надворешната политика, општеството воопшто и безбедносната политика кај австриското население и во медиумите“, се наведува во соопштението на министерството.
Прес-службата на министерството тврди и дека осомничениот користел „тајни места“ во Виена за доставување информации, а „утврдено е и дека дипломатскиот персонал на Руската Федерација е и временски и локациски блиско поврзано со овие места“.
Австриската државна безбедносно-разузнавачка агенција (ДСН) ги предала списите за случајот во обвинителство во Виена на 15 декември.
Осомничениот за шпионажа, пишуваат медиумите, не бил вработен и добивал социјална помош.
Во исто време, тој бил многу активен: од 2018 година дури 65 пати патувал во странство низ Европа, но и во Русија, Белорусија, Турција и Грузија.
Покрај тоа, тој наводно поседува и неколку имоти во Виена, Русија и Грција.
При претресот во неговиот стан, пронајден е уред за откривање прислушни уреди и скриени камери, како и панцир.
Полицијата одзела мобилни телефони, лаптопи и таблети, на кои имало околу десет милиони фајлови.







