Гувернерот на Тексас Грег Абот вчера објави дека штетата од Харвеј ќе биде поголема од претходните урагани со епски размери како Катрина и Санди, и дека веројатно ќе изнесува меѓу 150 и 180 милијарди долари.
Харвеј го погоди американското крајбрежје, брегот на Мексиканскиот залив на 25 август, станувајќи најразорен ураган кој го погодил Тексас во последните 50 години. Од последиците на таа бура загинаа 47 луѓе, повеќе од еден милион се раселени, а погоденото подрачје е подолго од 480 километри.
Абот, кој заговара помош од американските власти во обновата на неговата сојузна држава, тврди дека штетата ќе биде поголема од онаа направена од ураганот Катрина, бура која во 2005 година ги погоди Њу Орлеанс и околните подрачја и уби повеќе од 1.800 луѓе, и од Санди која го погоди подрачјето на Њу Јорк во 2012 година.
„Ако добро се сеќавам, Катрина предизвика повеќе од 120 милијарди долари штета, но кога ќе го погледнете бројот на домови и стопанства кои ги погоди овој ураган, мислам дека трошокот ќе биде многу поголем од 120, веројатно меѓу 150 и 180 милијарди долари“, рече гувернерот на Тексас за „Фокс њус“.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп од Конгресот за помош на погоденото подрачје побара 7,85 милијарди долари, а Абот тие средства ги нарече „ситница“.
„Ни претстои долг пат ако сакаме да го обновиме шетвртиот по големина град во Соединетите Американски Држави, како и целиот околен регион“, нагласи гувернерот говорејќи во Хјустон.
Хјустон цврсто се обидува да се опорави од катастрофата.
Градоначалникот Силвестер Тарнер смета дека градот напредува на неколку фронта во надминувањето на кризата, повторно воспоставувајќи ги градските услуги и помагајќи им на луѓето да ги напуштат прифатните центри и да се вратат во домовите.
„Ова е град кој може. Нема да се сожалуваме“, порача Тарнер во изјава за телевизијата ЦБС.
Говорејќи за прифатниот центар во конгресниот центар „Џорџ Р. Браун“, кој во еден момент беше дом за околу 10 илјади луѓе, хјустонскиот градоначалник нагласи дека во него сега се наоѓаат „значително помалку од две илјади лица“.
Штетите од бурата претставуваат хуманитарен и економески предизвик и за Трамп кој го посети тоа подрачје во саботата и се сретна со некои од илјадниците луѓе во прифатните центри, како и со членови на спасувачките екипи.
Американскиот челник во саботата навечер на својот Твитер профил објави дека „штотуку се вратив во Белата куќа од големите држави Тексас и Луисијана каде работите одат добро“.
„Таква соработка и координација!“, заклучи претседателот.
Службениците истакнуваат како поплавите тешко оштетиле најмалку 75 училишта во Хјустон, што претставува околу 25 отсто од сите училишта на тоа подрачје. Најмалку едно средно училиште со 2.700 ученици нема да работи цела година, а градот и понатаму ја проверува состојбата на другите образовни структури.
Многу жители на Тексас и понатаму се борат со водата од надојдените реки за кои се очекува дека такви ќе останат и во следната недела или повеќе време.
Во Беамонт, град којшто се наоѓа на околу 140 километри источно од Хјустон, службените лица истакнуваат дека се работи на поправка на водоводниот систем поради чие оштетување околу 120 илјади луѓе со денови беа без вода за пиење.
Речиси 200 илјади домови се тешко оштетени во поплавата, а околу 12.600 се целосно уништени, објави во саботата Одделот за јавна безбедност на Тексас.



















