Јавниот превоз во Скопје денеска и утре со изменет режим

LinkSense.mk

Поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ, јавниот превоз во Скопје денеска и утре ќе функционира со изменет режим од вообичаениот, а продажните места на ЈСП ќе имаат изменето работно време од редовното.

Во петок (1 декември) јавниот превоз ќе продолжи да функционира вообичаено, а тоа се однесува и на билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП Скопје. Жичарницата сите денови ќе функционира вообичаено, од 10 до 17 часот.

Според најавата од ЈСП, денеска автобусите ќе возат вообичаено, согласно со важечкиот возен ред (делничен зимен), а утре ќе сообраќаат по саботен возен ред.

Почнувајќи од денеска од 13 часот, па сѐ до завршување на Министерскиот совет на ОБСЕ в четврток  линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118 ќе сообраќаат по изменети траси.

Линии 8 и 15А  од мост „Гоце Делчев“ наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“ Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.

Линии 7, 15, 19, 26, 29 и 59 наместо на крајните терминали во Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ (стара телевизија) каде не чекаат време, туку веднаш ќе продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“

Линиите 18, 21А и 118 од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта. Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.

Сите билетарници и центри за персонализација на ЈСП Скопје денеска ќе работат од 6.30 до 13 часот, а утре за сите ќе биде неработен ден.