Јаневски: Искуството на Розенборг пресуди за победникот

LinkSense.mk

Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски, смета дека искуството на Розенборг во европските натпреварувања биле клучни за вториот пораз на македонскиот шампион Вардар во групната фаза во Лига Европа.

Вардар синоќа загуби од Розенборг со 3-1 на мечт кој се одигра во Тронхајм, но Јаневски смета доколку неговите играчи ги искористеле шансите тогаш исходот можел да биде и поинаков.

„Сакам да им честитам на Розенборг за победата. Мислам дека и покрај поразот, натпреварот мина во егал, рамноправно. Двата тима пробаа да играат фудбал. Имавме совршени шанси. А, кога нема да се даде гол, тогаш се прима, тоа е така во фудбалот. Тоа е резултат на нашето неискуство. Денеска победи тимот кој што имаше повеќе искуство во вакви мечеви и ги реализираше своите шанси“, изјави Јаневски на прес-конференцијата по мечот.

Предводникот на вардарци очекува дека доколку неговите избраници продолжат да играат како на синоќешната средба тогаш Вардар може да се надева на бодови веќе во следниот меч.

„Задоволен сум од играта на мојот тим, бидејќи беше поинаква од првиот меч против Зенит на домашен терен. Сигурен сум дека ако продолжиме во овој стил, бодовите ќе дојдат на некој од следните натпревари“, дополни Јаневски.

Дали тоа ќе се случи во следното, трето коло, кога во Скопје на 19 октомври гостува шпанскиот Реал Сосиедад, останува да се види.