Јануари 2020 во Европа бил за три степени потопол од просекот

Првиот месец од оваа година во Европа бил потопол за 3,1 степен од просекот помеѓу 1981 и 2010 година, според податоците на европската служба за климатски промени.

Оваа служба на Европската Комисија е дел од програмата Коперникус за опсервација на Земјата.

Според податоците со кои располага службата јануари 2020 е најтоплиот јануари од 1981 (откако се мери климатското затоплување).

До сега најтоплиот јануари бил во 2016-та, но оваа година е надминат овој рекорд за 0,2 степени, соопшти службата за климатски промени на ЕУ.

Во северноисточна Европа температурите постигнале шест степени повеќе од просекот во текот на целиот месец посебно во Норвешка, Шведска, Финска и западна Русија. Во селото Сундалсора во Норвешка се регистрирани рекордни деветнаесет степени на втори јануари годинава што е 25 степени повеќе од јануарскиот просек, додека во градот Оребро во Шведска е регистриран најтоплиот јануарски ден, на деветти јануари, откако се мерат температурите, односно 1858.

Според експертите последните десет години се најтоплите регистрирани години, 2016-та е рекордна поради ураганот Ел Нињо. 2019-та меѓутоа ја надминала и 2016-та.

Атмосферските концентрации на ЦО2 се на највисоко ниво во последните 800 илјади години, што предизвикува глобално затоплување.

Обединетите Нации предупредуваат дека емисиите на штетни гасови треба да се намалат за 7,6 отсто годишно во наредните десет години за да се сопре глобалното затоплување.