Јапонскиот град Фуџикавагучико постави денеска голема мрежеста бариера на популарното место за гледање на планината Фуџи, во обид да го одврати се поголемиот број туристи од фотографирање.
Од местото можат да се видат многу природни убавини со милји наоколу, но на локалното население во Фуџикавагучико им е преку глава од приливот на претежно странски посетители кои фрлаат отпадоци, влегуваат во приватни имоти и ги кршат сообраќајните правила во потрага по фотографија за споделување на социјалните мрежи.
„Незаконски паркирајќи и игнорирајќи ја забраната за пушење, се собираат на плочникот за да ја снимат и фотографираат со снег прекриената планина која фотогенично се издигнува до небото зад продавниците“, велат жителите.

Работници рано утринава почнаа да ја поставуваат, 2,5 метри висока и 20 метри широка, црната мрежа, и до околу 11 часот по средноевропско време веќе завршија.
„Се надевам дека мрежата ќе ги спречи лошите работи на туристите, кои се многу опасни“, изјави за АФП четириесет и едногодишната Мичи Мотомочи, која води традиционална јапонска продавница за слатки.
„Мислам дека е разочарувачки што го поставуваат. Тоа сепак е култна глетка. Синоќа бевме овде, успеавме да ја направиме последната снимка пред да го подигнат ‘ѕидот’, а имаше толку многу луѓе“, рече Кристина Ројс (36), туристка од Нови Зеланд.
„Но, таа одлука е сосема разбирлива. Прилично е опасно заради сообраќајот што тука минува. Има и други места од каде што можете да ја снимате планината”, објаснува туристката.
(Фото: Казухиро Ноги / АФП)







