Израелската војска објави видео во кое е прикажан лидерот на Хамас, Јахја Синвар, во тунел под градот Кан Јунис, на југот на Газа.На снимката, Синвар е виден со сопругата, децата и братот Ибрахим Синвар.
Израел јавно го обвини Синвар дека тој е „мозокот“ за терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, но експертите велат дека тој е еден од неколкуте кои го планирале злосторството. Тоа го прави да е една од клучните цели на војната во Газа.
Портпаролот на ИДФ, Даниел Хагари, рече дека видеото е снимено од надзорна камера на Хамас на 10 октомври, а дека во ИДФ пристигнало овие денови.
„Тој и неговото семејство побегнаа преку подземен тунел во еден од безбедните сместувачки комплекси што однапред ги изградил“, вели Хагари.
Хагари додаде дека ловот на Синвар нема да престане се додека тој не биде фатен, мртов или жив.
„Решени сме да го фатиме и ќе го фатиме“, истакна Хагари.
Синвар е опишан од Израел како најбараниот човек во Газа. Израелската армија претходно го прогласи за „жив мртовец“, а му го дадоа прекарот „месарот од Кан Јунис“ поради неговата наводна улога во планирањето на нападот на 7 октомври.
Во декември ИДФ ја опколи неговата куќа, но не го најдоа.Тогаш рекоа дека веруваат оти се крие некаде под земја.Советникот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави потоа дека е само прашање на време кога Синвар ќе биде фатен. Сепак, до денес тоа сè уште не се случило.
На 6 февруари, ИДФ соопшти дека сè уште го бара Синвар и дека се уверени дека наскоро ќе биде уапсен. Не одговорија дали може со сигурност да се каже дека тој се уште е во Газа.
ИДФ објави уште едно видео за кое вели дека ги прикажува израелските сили во дел од тунелите на Хамас каде што веруваат дека се крие Синвар.
На таа снимка војникот, чие лице е заматено, вели дека тие се во скривалиштето на Синвар и дека неодамна таму бил лидерот на Хамас.
На видеото се гледаат бањата, кујната и спалните соби, а војникот вели дека израелските војници во сефот пронашле милиони шекели и долари.
„Знаеја дека доаѓаме па побегнаа“, вели војникот од видеото.
Синвар бил одговорен за собирање на военото крило на Хамас дури и пред да воспостави нови важни врски со регионалните арапски сили како цивилен и политички лидер на групата.Беше избран во главното тело на Хамас за донесување одлуки, Политбирото, во 2017 година, како политички лидер на огранокот на Хамас во Газа.Тогаш тој стана де факто лидер на Политбирото.Во 2015 година американското министерство за надворешни работи го прогласи за глобален терорист, а неодамна го санкционираа и Велика Британија и Франција.
Израел неколку пати го апсеше Синвар, а во израелските затвори помина 24 години.
Ослободен е во 2011 година како дел од размена на затвореници, во замена за израелскиот војник Гилад Шалит.
„Хамас не е само терористичка организација, туку, за жал, и избран политички субјект во Газа. Како негов водач, Синвар ги пренасочува сите ресурси на Газа за финансирање на изградба на терористичка инфраструктура како што се подземни тунели за напади, ракетни фрлачи и оружје, оставајќи го поголемиот дел од жителите на Газа да живее во сиромаштија, додека терористичките лидери на Хамас како самиот Синвар можат да живеат луксузен живот“, велат Израелците.
Синвар стана истакнат водач во затворот. Стана познат по злоставување и користење на грубо насилство и сурови методи на мачење кон оние кои му се спротивставувале и оние за кои се сомнева дека му помагаат на Израел.