Јовески: КОВИД-19 одлага одредени дејствиjа по предметите на СЈО

– Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, продолжува да постапува по предметите преземени од поранешното Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но поради новонастаната состјба одредени дејствија се одлагаат или не се преземаат, изјави државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Во интервју за Телевизија Телма, одговарајќи на прашање до каде се преземените истраги од СЈО, односно за исказот на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, второобвинетата во предметот „Рекет”, која во својата одбрана истакна дека предметот „Империја” бил предаден готов, јавниот обвинител Јовески, изјави дека доколку тие истраги биле завршени веројатно СЈО, ќе донела соодветна одлука за тие истраги.

– По преземањето на овие предмети коишто беа во предистрага или во истражна постапка обвинителството ги презема соодветните дејствија, зависно во секој предмет поединечно какви дејствија требаше да се преземат. Според тоа не е точен податокот дека во овие предмети не се постапува. Можеби сега со оглед на новонастаната состојба одредени дејствија се одлагаат или не се преземаат во ова време. Уверен сум дека по овие предмети обвинителите кој што постапуваат ги преземат дејствијата, рече јавниот обвинител Лубомир Јовески.