ЈСП истражува спреченост на лице со куче придружник да се вози во автобус

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ информираше дека кај нив во тек е истрага за случај за спречување на лице со куче придружник да се вози во автобус со бројот 7, за кого тие дознале од објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Скопјанецот Александар Велевски денеска на својот фејсбук профил информираше дека нему и на неговото куче Бен не им бил дозволен влез во автобус и покрај, како што наведе, неодамнешната одлука на раководството за слободен влез на кучињата придружници на лицата со инвалидитет.

„Веднаш преку порака го контактиравме Александар за да ни објасни за случката, но сеуште ни нема одговорено“, се наведува, меѓу другото, во соопштението на ЈСП лиферувано до медиумите.

Надлежните во скопското сообраќајно претпријатие стапиле во контакт и со таткото на Александар, но тој не бил запознат за тоа што навистина се случило и дека, заради зафатеност, тоа ќе го сторел попладнево за што ќе ги информира во ЈСП.

Од ЈСП се децидни дека ако се потврди оти возачот не го пуштил Александар со Бен да влезе во автобус, од нему познати причини, ќе биде соодветно санкциониран.