ЈСП И АРСОВСКА СЕ ИЗГУБИЈА ВО МАГЛАТА: Загадување има, бесплатен превоз – НЕ

LinkSense.mk

Загадувањето на воздухот во Скопје и покрај денешното сончево време и понатаму е загрижувачко. Главниот град, во недостиг на конкретни решенија од институциите, и натаму е високо горе на листата на најзагадени во светот, на која меѓу десетте, освен Скопје, се градови од Кина, Индија, Бангладеш, Пакистан и Гана.

Но, високата загаденост која на одредени мерни места достигнува неколку пати над дозволеното ниво не е доволна за Министерството за животна средина и просторно планирање да ги активира мерките и препораките за заштита на граѓаните.

Скопјани заради немањето слух и, се чини, знаење од институциите за тоа што треба да се стори во вакви случаи, се штитат себеси како што знаат и умеат.

Никој од надлежните досега не смислија долгорочни мерки за да се намали загадувањето во Скопје кое е најизразено во зимскиот период. Патем, ниту краткорочно не го решаваат проблемот.

Од Град Скопје, вообичаено се без одговор за вакви, за нив, комплицирани состојби. Градоначалничката Данела Арсовска ниту го решава проблемот со загадувањето, ниту пак најде за сходно да излезе и да каже дека воопшто постои загадување.

Неодамна, Државниот инспекторат за животна средина на својата Фејсбук страница објави дека загадениот воздух најмногу ги погодува лицата со хронични заболувања, децата и највозрасните и дека од најголема важност е преземањето итни акции за намалување на загадувањето. И толку. Освен ваквата информација на социјалните мрежи, ништо друго не стори.