Ќе исчезне ли ракувањето засекогаш?

“The Repoter”

Ракување или не? Вековниот човечки гест на добра волја сега има несигурна иднина.

Со почетокот на пандемијата, на состанок во Канзас Сити, организаторите на настанот на присутните им поделија налепница со пораката „Јас се ракувам“, за да ги избегнат непријатните социјални ситуации меѓу нив.

„Не сакавме налепницата да вели„ Ние не се поздравуваме со ракување“, бидејќи тоа е одбивно, изјави Џон Де Леон, потпретседател на MTI Events, додавајќи дека идејата била противниците на ракувањето едноставно да може да изберат да не носат налепница. „Но, ако некој избере да стави налепница на настанот, тогаш тоа беше показател дека со него се е во ред“.

Сега кога луѓето се враќаат во своите канцеларии, пријателите се собираат и повеќе настани се префрлуваат од онлајн во личен формат, едно прашање се повеќе ги мачи луѓето: дали треба повторно да се ракуваме или не?

Ракувањето постои со векови. Широко се верува дека потекнува од средниот век за да покажеме дека сме љубезни кон другите и не држиме скриено оружје во отворената дланка. Но, рацете, исто така, можат да бидат опасни ако се контаминирани и носат бактерии како што е Ешерихија коли.

Д -р Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести, минатата година предупреди: „Да бидам искрен, мислам дека никогаш повеќе не треба да се ракуваме“.

Д -р Амеш Адалија, специјалист за заразни болести на Универзитетот Џон Хопкинс, е со спротивно мислење. Тој смета дека целата дебата за ракувањето е претерана. Решението, вели Адалија, е едноставно: „Ако сте загрижени за Ковид-19, најдобриот начин ракувањето да го направите безбедно е да се вакцинирате целосно. А за да ги отстраните сите други нешта што можат да бидат на рацете на луѓето, едноставно само измијте ги рацете пред да си го допрете лицето. Таква е и функцијата на средства за дезинфекција на рацете “.

Поздравот е речиси инстинктивен и изгледа тешко да се откажеш од него. Но, неколкумесечната работа од далечина, изолацијата и блокирањето на социјалните контакти го направија ракувањето донекаде непознато и застрашувачко. Состаноци, родендени, забави, па дури и погреби се преместени на Zoom. Губењето на врски е срцепарателно, а појавата на нови варијанти на вирусот, како што е „Делта“, покренува нови прашања за враќање на гестот што ја симболизира нормалноста.

Џон Де Леон не е сигурен дека ракувањето ќе се врати во нашиот секојдневен живот. Налепниците направени од неговата компанија никогаш не биле продадени. За разлика од неговата компанија, други компании го преплавија пазарот со злобни налепници што водеа кампања против ракувањето среде американската пандемија. На пример, онаа на која се прикажани две споени раце: едната на скелет, а другата покриена со насмеани вируси на Ковид-19.