Џафери: Потребни се алтернативни решенија за работата на Собранието во алтернативни услови

Претседателот на Собранието Талат Џафери нагласува дека мора да се најдат алтернативни решенија за работата на законодавниот дом во алтернативни услови, осврнувајќи се на новонастанатата ситуација со работата на пратениците во услови на
пандемија на Ковид-19.

Џафери во интервју за Радио Слободна Европа говори за тоа како ќе работи Собранието, откако неколку пратеници се заразија со Ковид-19, а самиот тој кажа дека засега нема опција законодавниот дом да заседава онлајн и дека би се гласало по примерот со пратеникот Арбен Зибери во посебна кабина.

„Сега се најдовме среде пандемија. Што вели народот, не дал господ пожар, каде ќе работи Собранието? Со Уставот е тесно дефинирано дека Собранието работи во собраниската зграда, во таа и таа сала и што сега ќе останеме заробеници на тоа? Скопје и скопската котлина е трусно подрачје, гледано сеизмолошки. Во случај на земјотрес и поголемо оштетување на објектот, каде ќе се одржуваат седници? Не е
дефинирано“, вели собранискиот спикер.

Нагласува дека затоа сега кога се соочиле со оваа ситуација е неопходно да се размисли за резервни правила, како и на кој начин би ја извршувале пратеничката функција и во такви услови, што нема да биде замена за редовната работа.

„Но во секој случај пратениците, субјектите, политичките партии имаат за право да имаат пристап онаков каков што пристапиле кон оваа идеја. Јас опстојувам на фактот дека ако не сега, во идно време ќе мора да имаме алтернативни решенија за алтернативна работа во алтернативни услови. За нормални услови кој нормален човек би побарал да си работи од дома? Но ситуацијата наметнува да размислуваме и за тоа“, истакна собранискиот спикер.

Во врска со оценката на еврокомесарот Оливер Вархеји, која што е спомената и во извештајот на Европската Комисија дека има значително зголемување на употребата на брзи процедури во носењето на закони, Џафери вели дека за жал е така, но напоменува контекстот во кој работел законодавниот дом изминатиот период – членството во НАТО, интегрирањето во ЕУ, но и пандемијата на Ковид-19, придонел за
таквата состојба.

„Ние ако ги споредиме 2018 и 2019 година како целосни години во кои работел парламентарниот состав во претходниот мандат, имало драстично намалувања на скратените постапки за носење на законите во 2018, што беше нотирано и во претходниот извештај за 2018 година, но од друга страна заради потребата за исполнување на спогодбите кои ги донесе Република Северна Македонија, заради потребата од реформскиот процес и брзината на времетраењето во кое тоа требало
да се исполни, секако поради процедурите“, вели Џафери.

Додава дека ако се одело во редовна постапка не ќе можело да се стигне да се заврши со сите тие постапки и процедури за да се исполнат предусловите за „она што стана и факт дека во 2020 станавме полноправна членка на НАТО“.

„Од друга страна во март веќе добивме одредница дека до крајот на годината би требало и формално да ги отвориме претпристапните преговори, тоа не би случило доколку не би се одело за дел од законите во скратена постапка. И во таа агенда секако Собранието требало да се реши дали ќе оди во скратена постапка на нејзина штета по однос на формалната оценка која се дава на крајот на годината или ќе оди во редовна постапка по која резултатот ќе биде негативен по државата во целина, и ние го избравме полесниот аспект на лошите нешта, во смисла поарно да биде состојбата односно оценката послаба по однос на Собранието за скратените постапки одошто државата да имаше последици по однос на членството во НАТО и отпочнувањето на претпристапните преговори. Во таа насока мислам дека го направиме исправниот избор“, истакна Џафери.

Вели дека скратените постапки сега се поврзани и со пандемијата и оти Собранието повторно е во ситуација да бира или ќе оди по секоја цена на редовни постапки, а на штета на потребите за надминување на последиците од пандемијата или ќе применува скратена постапка, а ќе има забелешки за тоа.

Во интервјуто тој се осврна и на несогласувањата со Бугарија и евентуалното одложување на првата Меѓувладина конференција, напоменувајќи дека Собранието го ратификува Договорот за добрососедство и од него произлегуваат обврски за работа на мешовитите комисии од двете страни, кои треба да ги разгледаат разликите по однос на поимањата кои произлегуваат од самиот договор.

„Јас се надевам дека ќе рефлектираат и двете комисии, веројатно сега и водени од состојбите. Обострано политички можеби ситуацијата е подгреана повеќе отколку што е потребно, но во секој случај тоа е во надлежност на извршната власт, значи соодветно да си ја одржува комуникацијата и да доаѓа до соодветното решение, во смисла да се надминат сите тие разлики по однос на можното попречување“, вели
Џафери и додава дека тој е убеден дека работите ќе се стивнат и оти во декември би требало да отпочне Меѓувладината конференција.