Џафери: Работев по Протоколот за Ковид-19, никако поинаку

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на прес-конференција ги разјасни околностите околу одржувањето на вчерашните 32. и 36. седница и што му претходело на оваа постапка и зошто се дозволило двајца пратеници позитивни на Ковид-19.

Џафери се повика на дополнување на Протоколот за спроведување на мерките со Ковид-19 од ноември минатата година прифатен од државната надлежна комисија и рече дека се консултирал со многу лица пред да ја донесе оваа одлука за одржување на седниците и дека двајцата пратеници немале контакт со ниту едно лице во собраниската зграда.

Собранието, како што нагласи, со денови не можело да работи бидејќи имало инфицирани пратеници, а опозицијата одбивала да учествува во работата.

„И што требаше да правам јас? И кога таа состојба веќе ја помина мерката, и кога почна да се условува кога што јас да правам, се решив да ги искористам сите дозволиви инструменти, вклучувајќи ја и дополната на Протоколот со соодветни консултации со сите за да обезбедиме тоа безбедно да се спроведе. Никој не бил загрозен затоа што никој немал никаков контакт со тие двајца пратеници, во сите
аспекти на комуникација, освен со комуникација со хартија“, рече Џафери.

Тој потенцира дека планирал, предвидувал и спроведувал одлуки за да обезбедел функционалност на оваа институција која им припаѓала на граѓаните.

При објаснувањето тој ги посочи сите лица кои биле вклучени во работната група на Собранието и кои работеле на проверка на протоколите што се спроведуваат, како и дека тој Протокол е одобрен од Комисијата за заразни болести, како и подоцна дополнетиот Протокол, што беше применет при гласање за составот на Влада и сега.

„Протоколот е донесен на 30 јули 2020 година, го потпишав додека бев во болница. Тој протокол беше претставен како целина пред државната Комисија за здравство и тој протокол таму е усвоен и доби пас да ја организираме конститувната седница. Во моментот кога требаше да ја избереме Владата, Арбен Зибери пријави дека има симптоми, во меѓувреме знаете дека дадовме опција да се размисли за онлјан работа на Собранието. Ни под разно не прифаќаа од опозицијата“, рече Џафери.

Овој протокол, според Џафери, бил претставен на координаторите на пратеничките групи на првата координација и поделен на координаторите.

„Имајќи ги предвид состојбите, на 17 ноември 2020 до државната Комисија, односно до Министерството за здравство, поднесов предлог за дополнение на Протоколот, за стручно да се размисли, лицата што се изолирани поради контакт со позитивно лице, а не се згрижени во здравсвени институции, туку се лекуваат дома, доколку здравствената состојба им дозволува, да можат по посебен протокол да доаѓаат во Собранието. Еден ден потоа, на 18 ноември, добив одговор со кој што се дополнува претходниот протокол и ги опишува условите под кои треба да се внесат пратениците во Собранието, дека треба да се во посебни простории и дека куполата може тоа да го овозможи. И тоа е спроведено, рече Џафери.

Според него, дополнувањето на Протоколот е претставен на координаторите на пратеничките групи на 23 ноември, но во тоа време координаторите на пратеничките групи од опозоцијата поради измената на Деловникот што го пуштил за одржување онлајн седници не учествувале на средбата. Тој имал дополнителна средба со нив и ги известил за дополнувањето на протоколот.

Според Џафери, крајно време било Собранието да се стави во функција.

„Има акти врз основа на коишто е спроведено тоа. Да не мислите дека своеглаво решив вчера да го применам Деловникот, односно Проколот и измената туку-така. Направив милион консултации со сите надлежни институции“, рече Џафери.

Претседателот на Собранието информираше дека за заостанатиот закон од четвртиот пакет антикризни мерки, што минатата недела помина на Комисијата за финансирање и буџет, денеска дал налог да се дополни пленарната седница планирана за 21 овој месец и го продолжил рокот за амандмани затоа што според процедурата, кога е завршено второто читање на Комисијата, рокот за доставување амандмани бил до вчера.

„Тоа е точка од октомври. Затоа кажав и претходно, ценев дека пратениците, вклучувајќи ја и опозицијата, ќе рефлектираат на она што е наша обврска како пратеници. Опозицијата не ми обезбедува кворум мене, туку им обезбедува можност на граѓаните во чие име се тука, а не од мое име и мене да ми обезбедува да работам“, рече Џафери.

Според него, не е решение тој да каже дека има болни пратеници и да го „затвори“ Собранието 20 дена.

„Во крајна инстанца и тоа можам да го употребам. Го употребив најмалку лошото решение. Не викам дека е неопходно, но ако веќе опозицијата поставува таков услов јас немам друго решение освен да го спроведувам она што ми е дадено според Протоколот“, рече Џафери.

Запрашан дали се пратениците над граѓаните кога им е дозволено да излегуваат од дома додека се во изолација поради Ковид-19, Џафери на прес-конференцијата беше дециден дека граѓаните ги избрале пратениците да користат права и должности да учествуваат во работата на Собранието, во нивна полза.

„Да, пратеникот нема потреба да излезе без потреба, ама за службена потреба доколку условите му дозволуваат да дојде во Собрание, не може да се попречи ниту во воена состојба. Е, сега ако некој мисли дека при 119 пратеници во моментов кои не се опфатени со епидемијата јас да известам државни институции дека Собранието не може да се состане, тоа е недозволиво, затоа што граѓаните имаат избрано 120 пратеници и тие имаат обврска да седат на работа кога има седница и кога има работни тела и тие да ги сикаат на време“, рече Џафери.

Првиот човек на Парламентот рече дека до крајот на месецот доколку има услови ќе побара да се вакцинираат и пратениците и со тоа се надева дека ќе се одбегнат овие ситуации. Минатата среда започна вакцинацијата и за собраниските служби.

На одржувањето на овие две седници им претходеа повеќе обиди за деблокада на работата на Собранието, кое не можеше да одлучува. Мнозинството брои 62 пратеници, се случува некој од нив или да биде заболен или да имал контакт со болен од Ковид-19, а дополнение на тоа беа и блокадите од страна на опозоциските партии и несакањето да присуствуваат на одредени седници за да може да се гласаат одредени закони. Тоа не се случи ниту по средбата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, ниту по постигнатиот договор на Заев со Алијансата на Албанците и Алтернатива за законот за државјанство.

 

(Фото: МИА)