„Нападната е стражата на Каланчак. Украинските војници и цивилите бегаат!“ беше објавата со приложена монтажа од три фотографии што се појавија на социјалните мрежи веднаш по почетокот на руската инвазија со полн опсег на Украина, на 24 февруари 2022 година.
По повод првата годишнина од војната, некои корисници почнаа да ја објавуваат оваа фотографија во четвртокот, ден пред самата годишнина, како знак на сеќавање на настанот кој засекогаш ги промени Европа и светот, како и меѓународните политички и економски односи.
Многумина тврдат дека ова се првите фотографии од рускиот напад и всушност самиот момент на почетокот на руската инвазија.
Снимките, кои на почетокот не беа потврдени, всушност се снимки од надзорна камера на украинскиот пунк Каланчак на границата со, во 2014 година, незаконски окупираниот Крим, на која наводно се гледа украински граничари како бега пред нападот на Русите.
Украинските војници, наводно, набрзо пријавиле дека избегале од граничниот пункт, а извештаите велеа дека од тоа подрачје бегаат и војниците и цивилите.
„Оваа фотографија од украинскиот граничар како бега од пунктот што е на работ на окупираниот Крим пред да се угасат безбедносните камери може да биде првата фотографија од инвазијата“, напиша пред една година еден корисник на Твитер.
“Ова беше веројатно првата слика што ја видов кога се разбудив на 24 февруари. Секогаш се прашувам што се случи со овој украински војник. Сликата дава морничаво и непријатно чувство”, наведе друг.
После наводното бегство на граничарот, на друга снимка се гледа уште едно непознато лице во маскирна униформа на контролниот пункт откако украинските војници сите до еден наводно избегале.
Руските сили во четврток на 24 февруари 2022 година, околу 5 часот утрината по источноевропско време, ја нападнаа Украина од Белорусија, а напад беше извршен и од анектираниот Крим.
Русија изврши инвазија на Украина од копно, воздух и море од север, исток и од југ, откако рускиот претседател Владимир Путин, претходно, нареди „посебна воена операција“ за да се елиминира, како што рече, сериозна закана.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, набрзо објави дека Русија извршила ракетни напади врз украинската инфраструктура и дека експлозии се слушнале во многу градови.
Исто така, извести и за непрестајни сајбер напади. Поради сето тоа Зеленски прогласи вонредна состојба.
Проруските сепаратисти од источниот регион Донбас – заедничко име за регионите Доњецк и Луганск – започнаа тешки напади врз украинските сили долж линијата за одвојување.
Путин тоа утро, во телевизиско обраќање соопшти дека ја одобрил операцијата.
„Ќе настојуваме да ја демилитаризираме и денацизираме Украина. Русија не може да биде сигурна, да се развива и да постои со постојана закана за руската територија. Целата одговорност за пролеаната крв ќе биде на владејачкиот украински режим.“
Набргу по обраќањето на Путин на руската државна телевизија, пред зори во Киев можеа да се слушнат првите експлозии, а пукотници одекнаа во близина на главниот аеродром во главниот град.
„Путин штотуку започна целосна инвазија на Украина. Мирните украински градови се нападнати“, објави украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, на Твитер.
По една година војна, западните политичари и воени експерти шпекулираат за размерите на новата голема руска офанзива, по неколкумесечните големи неуспеси и понижувања и спектакуларните украински контраофанзиви во регионите Харков и Херсон. Тоа беше најголемиот напад на европско тло од Втората светска војна.
На инвазијата и претходеше долгорочно трупање на руска војска на украинските граници, а неколку дена пред инвазијата, Москва призна две самопрогласени проруски творби во источна Украина – т.н. Доњецка Народна Република и т.н Народна Република Луганск.
Руската инвазија на 24 февруари минатата година е ескалација на конфликтот меѓу Киев и Москва од 2014 година, што резултираше со руска незаконска анексија на Крим и нелегално отцепување на делови од регионите Доњецк и Луганск, кои по вооружен пат ги спроведоа проруските сепаратисти поддржани од Кремљ.







