Во Соединетите Американски Држави забележан е првиот случај на зараза со новиод вид на корона вирус.
Како што јавува Асошијатед Прес, повикувајќи се на неименуван службеник, со „омикрон“ било заразено лице во сојузната држава Калифорнија.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден кон крајот на ноември воведе рестрикции за патниците кои доаѓаат од југот на Африка, каде што „омикрон“ првпат е идентификуван. Во таа држава забрзано се шири, а низа случаи забележани се и во околните земји.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести превзема чекори за дополнително заострување на правилата за тестирање на патниците кои доаѓаат од странство. Тоа вклучува и тестирање на сите патници во периодот од најмногу 24 часа пред качувањето во авион за лет во Америка, независно на тоа дали се вакцинирани или не. Центарот ја разгледува можноста за воведување и на задолжително тестирање веднаш по пристигнувањето во Америка.
Службеници признаа дека со такви мерки се сака само да се купи време додека научниците не утврдат дали „омикронот“ е позаразен од „делта“ видот, кој моментно е најдоминантен во светот.
Научниците ги интересира и какви симптоми предизвикува „омикрон“. Сите тие информации би требало да бидат познати во рок од две недели.







