Заради појавата на новата варијанта на корона вирусот, „омикрон“, се погласни се барањата за воведување на задолжително вакцинирање.
Германскиот Етички совет заговара проширување на задолжителното вакцинирање – но само со одредени мерки, пишува Дојче Веле.
Повеќето членови на советот се изјасниле за проширување на законската обврска за вакцинирање. Бундестагот до сега усвои задолжително вакцинирање, на пример, само за вработените во болниците, лекарските ординации или старските домови, одосно домовите за нега на немоќни.
Политичарите, всушност, го замолија Етичкиот совет да се изјасни за можната општа обврска за вакциирање.
Заштита од сериозни последици
Етичкиот совет заради заштита на другите веќе расправаше за моралната обврска за вакцинирање против корона вирус. Но, сега оди чекор понатаму: иако задолжителното вакцинирање масивно задира во личната слобода, наспроти тој аспект мораат да се одмерат бројни правни и етички аргументи.
Конечно, Етичкиот совет во својата декларација, која ја усвоија 20 членови од вкупно 24, дојде до резултат дека е оправдано воведувањето на задолжително вакцинирање како заштита од сериозни последици од идните бранови на пандемијата.
Мерките се „нужни и прикладни“
Од основно значење е, како што се наведува, таквите мерки да имаат легитимната цел и да се „соодветни, неопходни и прикладни“. Задолжителното вакцинирање, навистина, не може да го спречи продолжението на моментниот бран, но би можело да ги спречи или улажи негативните последици од идните бранови. Во таа смисла, советот споменува „висока стапка на смртност, долгорочни здравствени последици за значаен дел од населението или колапс на здравствениот систем“.
Слободите се поврзани
Овде, исто така,се покажува и амбивалентноста на поимот слобода: колку и да е важна слободата, слободата на секој поединец не е безусловна.
„Функционален здравствен систем, кој го гарантира едно солидарно општество, во случај на едно сериозно заболување, е суштински предуслов за одржување или враќање на личните слободи“, се вели во соопштението на Германскиот етички совет.
Понатаму се вели дека „пандемијата покажува дека различните слободи се меѓусебно поврзани“. „Слободата, стекнувањето образование како основно добро, како и сеопфатното уживање во културата, слободното време итн., може да се гарантираат само додека пандемијата е под контрола“.
Задолжително вакцинирање за сите или само за ризичните групи?
За прашањето во која форма би требало да биде воведена мерката задолжително вакцинирање во Советот за етика се поделени мислењата: 13 од 24 членови се залагаат за општа обврска за вакцинирање на возрасните (со мали исклучоци од здравствени причини). Седум члена сметаат дека е доволно да се воведат обврски за вакцинација за особено ранливите групи – на пример, старите лица и лицата со хронични заболувања.
Регистар за вакцинирани и казни
Независно од конкретниот развој, етичкиот совет препорачува придружни мерки кон обврската за вакцинација, како што се воспоставување безбеден национален регистар за вакцинација, континуирана евалуација и пратечко истражување. Можно е и воведување на казни, бидејќи на крајот на краиштата, задолжителната вакцинација вреди само онолку колку што може ефективно да се спроведе.
„Тоа значи дека обврската за вакцинирање е условена од нејзиното практично спроведување во реалноста.“
Но, мора да биде исклучено спроведување на вакцинација со употреба на физичка сила – односно, присилна вакцинација.
Политичарите сега треба да внимаваат да се избегне заострување на фронтот меѓу вакцинираните и невакцинираните.







