Рано утринава, околу 6 часот и 30 минути, во Киев се слушнале две силни експлозии, а набрзо следела и трета. Градоначалникот Виталиј Кличко преку Телеграм потврди дека две експлозии ги разбудиле жителите на украинската престолнина, во населбата Шевченкив, во центарот на градот.
Кличко ги повика киевјани да останат во засолништа. Извести дека неколку згради се оштетени и дека службите за итни случаи се веќе на терен.
„Од нападот со дрон избувна пожар во една зграда, која не е станбена. Деталите за жртвите се уште се утврдуваат“, напиша Кличко.
Три експлозии се слушнале помеѓу 6.35 и 6.58 часот по локално време. Сирените сигнализираа воздушен напад непосредно пред првата експлозија.
Во Киев биле пријавени вкупно девет напади, јавува дописникот на Гардијан.
Шефот на Украинските железници, Александар Камушин, изјави дека ракети паднале во близина на железничката станица во Киев.
Според наводите на Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на украинскиот претседател, Киев бил нападнат од беспилотни летала – „камикази“.
Дописникот на британски „Гардијан“ јави од Киев дека во близина на железничката станица биле извршени три напади со ирански дронови „камикази“, и прикажа жители во засолништето.
Минатиот понеделник, на 10 октомври, Русите силно го бомбардираа Киев, а и други украински градови, и при тоа убија 19 лица, а ранија 105, поттикнувајќи меѓународна осуда.
Еден ден подоцна, Русите продолжија со воздушните напади, но со помала жестокост, а нивна главна цел беа енергетските капацитети на западот на Украина.
Нападите беа извршени во знак на одмазда за експлозијата во која делумно беше оштетен мостот на Крим, стратешки многу важен за Русите.
Минатиот петок рускиот претседател Владимир Путин го изрази своето задоволство од воздушните напади и оцени дека вакви деструктивни напади врз украинските градови во моментов не се неопходни.
Голем пожар избувна утринава во Днепро, четвртиот по големина град во Украина, по нападот врз енергетска централа, пренесува Ројтерс повикувајќи се на тврдењата на градоначалникот на Днепро.
Одеса: Уништени шест дронови
Максим Марченко, гувернерот на Одеса, извести дека противвоздушната одбрана во неговиот регион уништила шест беспилотни летала – камикази.
„Утрото окупаторот изврши ракетен напад врз регионот со ракета Кх-59. Оштетен е инфраструктурен објект“, но жртви нема, тврди Марченко.
На дроновите пишува „За Белгород“
Две лица останаа заробени под урнатините по нападот со беспилотно летало на Киев, објави градоначалникот Виталиј Кличко.
Досега се спасени 18 лица. Ројтерс ја пренесува изјавата на нивниот дописник од Киев кој тврди дека видел дел од дронот на кој пишува „За Белгород“.
Да потсетиме, за само три дена гореше електраната во Белгород, ракети паѓаа на аеродромот, а во престрелката загинаа најмалку 11 војници.
По нападот зборуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Цела ноќ и цело утро непријателот ги тероризира цивилите. Беспилотни летала „камикази“ и проектили летаат и погодуваат цели низ цела Украина. Во Киев паднале во станбена зона. Непријателот ги напаѓа нашите градови, но нема да можат да не скршат. Окупаторот ќе добие праведна казна. Победата ќе биде наша“, рече тој.







