Поранешниот руски претседател, Дмитриј Медведев, ја опиша руската војна во Украина како „свет конфликт против Ѓаволот“, предупредувајќи дека „Москва може да ги испрати сите свои непријатели во вечниот оган на пеколот“.
Како што јави Ројтерс, Медведев истакнал дека Русија се бори со „нацистички лудаци, зависници од дрога“ во Украина, а ги поддржуваат западњаците кои, како што напоменал, „ги лигават брадите од дегенерација“.
„Русија е голема и богата земја. Не ни требаат туѓи територии, имаме се во изобилство. Но, постои наша земја, која ни е света, на која што живееле наши предци и на која што живее наш народ. Која нема никому да ја дадеме“.
Патем, порача дека Русија се бори против еден куп нацистички лудаци, наркомани и голема глутница кучиња што лаат од Запад и поради тоа добила света моќ.
„Имаме можност да ги испратиме сите непријатели во пеколот, но тоа не е наша задача. Ги слушаме зборовите на Создателот во нашите срца и им се покоруваме. Тие зборови ни даваат света цел. Целта е да се запре врховниот владетел на пеколот, без разлика кое име го користиме – Ѓавол, Сатана, Луцифер или Иблис. Затоа што неговата цел е смртта. Нашата цел е животот. Неговото оружје е замрсена лага. А, нашето оружје е вистината. Затоа, нашата кауза е вистинска. Затоа победата ќе биде наша“.
Медведев е поранешен премиер на Руската Федерација, кој ја извршуваше таа функција меѓу 2012 и 2020 година. Тој беше и руски претседател меѓу 2008 и 2012 година. Иако некогаш важеше за умерен политичар, во последните години искажува некои од најрадикалните руски ставови за Украина.
(Фото: АФП)







