Последниот скандал на Светското првенство во Катар се однесува на гласини кои претходно можеа да се слушнат во врска со поедини репрезентации од овие простори, но сега се во прашање африканските селекции, кои го завршија натпреварувањето на Мундијалот уште во групната фаза, на Камерун и Гана.
Познатиот фудбалски новинар кој разоткри многу скандали, Ромен Молина, објави дека двајца камерунски фудбалери и еден играч од Гана се нашле во Катар бидејќи си го платиле своето место!
„Поедини фудбалери на Камерун и Гана платија за настап на Светското првенство. Некои од нив платија само за да бидат на селекторскиот список“, откри Молина.
Овие негови тврдења веднаш направија хаос на социјалните мрежи, а љубителите на фудбалот во Африка „лицитираа“ со имињата на репрезентативците кои го платиле патувањето во Катар.
Кога е во прашање Камерун, дополнителен сомнеж предизвикува и однесувањето на селекторот, легендарниот Ригобер Сонг, кога на конференцијата го објави списокот на патници за Катар.
Се чинеше дека не е многу запознаен со имињата на сите 26 фудбалери кои ги носи на Мундијалот, а некои од нив играат и во домашната лига.
Така, можност да патуваат со репрезентацијата добија Жеро Н’гом Мбекели (24) и Суеба Мару (22), кои дотогаш одиграа само по три натпревари во националниот тим. Мару и остана на таа бројка, додека Мбекели влезе во игра во 86. минута од натпреварот против Бразил и асистираше при постигнувањето на голот за победа.
Засега нема докази за фудбалери кои на овој начин стигнале до Светското првенство, но навивачите на Гана веруваат дека пронашле играч кој одговара на профилот. Според нивното мислење, фудбалерот на Челзи, Баба Рахман, платил за да биде на големата сцена и да го привлече вниманието на клубот кој ќе го ангажира во наредниот период. Поради ова, од списокот испадна многу квалитетниот Џефри Шлуп, стандарден играч на Кристал Палас.
Да потсетиме, претходно се шпекулираше дека некои фудбалери на овој начин доаѓаат до националниот дрес, а бидејќи цената на пазарот потоа им расте, кога ќе се продадат, луѓето од кои купиле место во тимот земаат процент од нивната продажба на некој клуб.
Поранешниот репрезентативец на Гана, Коџо Поку, играше од 2004 до 2008, во март 2016 година тврдеше дека знае оти некои фудбалери го купуваат нивното место во селекцијата на „црните ѕвезди“.
„Дури знам дека некои играчи им плаќаа школарина на деца на функционери во Фудбалскиот сојуз, за да влезат во репрезентацијата“, изјави тогаш Поку.







