„Не се чувствувам виновен“, рече поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, на стартот на судскиот процес во кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Неговото произнесување за тоа дали има вина или не, следуваше откако обвинителката Катерина Коларевиќ од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во воведните зборови рече дека не смеел да склучува договори во четири очи, како што е во конкретниот случај со двата договора кои се дел од обвинението, за определување модел за реконструирање на АД „Пошта“ и за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.
Адвокатите на Зеќири, пак, сметаат дека тој не работел спротивно од Законот за јавни набавки и велат дека во обвинението не се наведува што конкретно е прекршено.
Патем, наведоа и дека зачудува фактот што Обвинителството, од една страна, запленува имотна корист кај една од фирмите ангажирана за студијата за „Пошта“, а од втората, за договорот за консултантски услуги за „Железници“, воопшто не е запленето ништо.
Одбраната најави дека ќе бара од Собранието автентично толкување на член од Законот за јавни набавки, на што се противеше обвинителката Катерина Коларевиќ.
Судскиот процес го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а рочиштето следува откако на 4 октомври годинава Обвинителството поднесе обвинение, а на 1 ноември Кривичниот суд го прифати.







